Темите од писмата на Ахмети се надминати и излишно да се разговараат. Нема потреба од навраќање наназад на некои работи и креирање меѓуетнички тензии, изјави претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во гостување на „Само Вистина“ во Канал 5. Вели дека за неа, како либерален демократ, сите граѓани во оваа држава се еднакви и треба да бидат еднакви пред законот и пред судовите.
„Додека Америка лансира сонди за испитување на живот во езерата под една од Јупитеровите месечини, ние пак ги отвораме прашањата за меѓуетнички односи, што јас лично не гледам потреба дека тоа треба да се случува. Ајде да престанеме да гледаме на квоти, да почнеме веќе да гледаме на квалитет и на оној мерит систем кој сите го бараме. Верувам дека сите граѓани кои живееме во оваа држава сакаме да се цени нашиот квалитет. Јас кога одам на доктор не прашувам за етничката припадност на докторот, туку го барам најдобриот кој што е на соодветната хирургија за да ме оперира“, посочува Зајкова.
ДУИ, според Зајкова, изгради цела политичка кариера на меѓуетничките прашања и наместо тензии, Зајкова побара да се фокусираме на она што се конкретни проблеми за решавање во државата: правосудниот систем, растење на довербата во правосудството, стимулирањето на економијата и други важни теми.
Зајкова појаснува дека ако сакаме да градиме правна држава треба да ги почекаме одлуките на уставниот суд и да ги почитуваме тие одлуки.
„Доста веќе беше фокусот на меѓуетничките прашања и доста го раскаруваме народот меѓу себе, јас верувам дека народот живее во добри соседски и меѓуетнички односи и ајде да ја фокусираме политиката на друго место, а тоа е како да го подобриме секојдневниот живот на граѓаните. Јас не ги делам луѓето ниту на македонци, на албанци, на роми, турци, бидејќи сите живееме во оваа земја, сите се соочуваме со секојдневни притисоци и треба да работиме на подобрување на секојдневието на секој од нас“, заклучува Зајкова и додава дека тие теми се надраснати, депласирани и наместо меѓуетнички тензии, редно време е да наоѓаме решенија и да градиме подобар живот за секој од нас тука.