Захариева: „Нашите сонародници се сигурни дека податоците за Бугарите во РСМ се лажирани“

„За жал, уште еднаш ја гледаме старата државна политика на дело – дискриминација на Македонците со бугарски идентитет и обид за нивно маргинализирање“, оцени поранешната шефица на бугарската дипломатија во владата на Бојко Борисов и пратеничка на ГЕРБ – Екатерина Захариева, во нејзината реакција по повод денес објавените податоци од пописот во земјава, според кои 3.504 граѓани од вкупното резидентно население се изјасниле како етнички Бугари. Со истиот став денеска излегоа и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и лидерот на „Има таков народ“ – Слави Трифонов.

„Разговарав со организациите на Бугарите во Северна Македонија по повод резултатите од пребројувањето. Нашите сонародници се сигурни дека податоците кои покажуваат само 3504 Бугари во РСМ, се лажирани, и наскоро ќе излезат со официјална позиција“, напиша Захариева на Фејсбук.

Најчудно, според неа, е што само Бугарите од попишаните надвор од државава не се вброени, за разлика од другите етнички припадности.

„Не смее да заборавиме дека во последните 15 години 86.566 граѓани на РСМ добиле бугарско државјанство со тоа што пред нашите власти изјавиле дека се самоопределуваат како Бугари“, додава Захариева.

Ваквото „мешање во правото на самоопределување“, порачува таа, е апсолутно неприфатливо и спротивно на вредностите на Европската унија кон кои се стреми земјава. „Крајно време е да сфатат дека Бугарите во Северна Македонија не се закана, туку мост меѓу нашите две земји“, додава Захариева.

- Реклама -