Ден пред македонскиот министер за надворешни – Никола Димитров, да замине за Софија на состанокот на Црноморската иницијатива, бугарските највисоки претставници се посебно активни. Како и бугарскиот премиер Бојко Борисов, така и бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата – Екатерина Захариева, на Економскиот форум во Пловдив, ги коментираше проблемите во односите на Бугарија и Северна Македонија.
„Тоа што го направи македонскиот претседател буквално беше незамисливо пред неколку месеци и години“, рече таа за изјавата на Стево Пендаровски, која во Бугарија ја протолкуваа како признание за бугарското потекло на Гоце Делчев.
„Сега на ред се следните чекори – комисијата да се согласи по општ текст на следната средба во септември, кој ќе биде основа за заеднички чествувања, а најмногу за промена на учебниците по историја. Додека нивните (учебници) продолжуваат да ја искривуваат вистината, за жал одвреме навреме ќе се јавуваат вакви тензии“, истакна Захариева.
Сепак, најважно е, оцени таа, дека меѓу двете држави се води дијалог и тие се во постојан контакт. Околу бугарската поддршка за Македонија на нејзиниот интегративен пат кон Европа, Захариева порача:
„Бугарија секогаш ќе ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но тоа не значи дека нема да има услови. А тие се: Безусловно исполнување на Договорот“.