Захариева: Бугарија не стави вето, Скопје води лажна кампања за да ја дискредитира Бугарија

„Одамна ја објаснуваме нашата позиција, нашите пратеници ја објаснуваа во сите престолнини. Лажната кампања започна од политичарите од Северна Македонија уште минатата година во обид да се дискредитира Бугарија“, изјави бугарската министерка за надворешни работи – Екатерина Захариева, во емисијата „Панорама“ на БНТ.

И во оваа прилика таа го обвини Скопје за неисполнување на Договорот за добрососедство, што, според шефицата на бугарската дипломатија, започнало веднаш штом државава стана членка на НАТО. „Стигнаа до еднострано прекинување на работата на Комисијата… Говорот на омраза не само што не го намалија, туку тој ескалира“, додаде таа.

„Јас нема да напаѓам соседна држава со лажна кампања. Се обидуваат да побегнат од формулацијата ‘заедничка историја’ која е многу јасно напишана во Договорот. Тие тврдат дека ние се обидуваме да им го одземеме правото на самоопределување, но тие го потпишаа тој документ. За жал, лажните вести се лансираат полесно од вистинските“, рече Захариева.

„Нашата поддршка никогаш не била безусловна. Но голем дел од државите не сакаат билатералните прашања да бидат дел од преговарачката рамка. Но, да потсетам и на Грција – и нив ниту една друга членка не ги разбираше“, истакна вицепремиерката.

Таа продолжува да тврди дека Бугарија не ставила вето.

„Тоа не е вето, како што се обидуваат да го прикажат. Тоа е ‘не’ на Бугарија за преговарачката рамка. Скопје се надеваше дека ќе ни биде направен притисок – дека од Вашингтон, од Берлин ли, ќе ја искараат Бугарија и таа ќе заборави на својот национален интерес и ќе каже ‘да’ без тие да направат ништо“, рече Захариева.

- Реклама -