Досега нема барања за политички азил од страна на лицата од Авганистан кои ќе бидат прифатени во државава, но согласно меѓународните закони што се прифатени кај нас, ќе бидат разгледани и ваквите активности, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој прецизираше дека лицата ќе добијат статус на времен престој од 90 дена преку издавање на виза за време на престој од три месеци, иако за некои од нив е најавено дека веднаш ќе заминат, за 10 или 15 дена.
Прашан за бројката на лица кои ќе бидат прифатени од Авганистан, која е многу поголема од некои други поголеми, помоќни и побогати држави од нас, премиерот изјави:
„Зошто ние по глава на жител ќе примиме повеќе хуманитарци, миротворци, активисти за човекови права, новинари, локал стаф на ОН, на НДА, на ИРИ и на многу организации за човекови слободи, прави и демократии и слично, веројатно заради тоа што имаме поголемо срце во моментот од сите други, заради тоа што чувствуваме поголема хуманост од сите други, веројатно заради тоа што нашиот регион поминал своевидни трауми во блиско минато, поблиско од другите земји, па знаеме колку е важна помошта кога може некој да ти подаде рака, да ти помогне, посебно заради тоа што навистина ги знаеме сликите од фундаменталистички напливи што значат одземање животот, сите страотни сцени што ги имаме видено, сѐ со конечна цел, подвлече, да подадеме рака и да помогнеме“.
Во однос на трошоците, Заев подвлече дека нив ќе ги покријат соодветните организации, САД, невладините организации, како НЕТ, Фондација Отворено општество, ИРИ, но посочи дека дел ќе покрие и нашата држава.
„Но, тоа не значи дека ако треба нешто да покриеме и ние нема да покриеме. Досега ги носиме трошоците на превоз до хотелите, на вакцината, на ПЦР тест да се направи, на понудите за бесплатен здравствен преглед и секако доколку има потреба за други активности“, рече Заев.
Извор: МИА