„Народот бара и очекува правда. Се случи уште едно бегство. Исто како и целиот наш народ, така и јас, секако сме разорачани од тоа што сѐ уште не е пронајдено и не е приведено лицето Сашо Мијалков. Барам веднаш да постапат институциите и да направат пронаоѓање на Сашо Мијалков и да ја спроведат судската пресуда. Убеден сум дека тоа може да се спроведе“, изјави премиерот Зоран Заев по повод „исчезнувањето“ на поранешниот шеф на УБК, откако сведочеше во случајот „Титаник“.
„Очекувам детално информации од надлежните институции под извршната власт, а тоа е МВР, како и очекувам комплетно детали, со истрага за самиот случај, од судот, од јавното обвинителство и од МВР. Целосно нашиот народ очекува расветлување на ваквиот случај и секако понесување одговорност доколку не се спроведе судското решение за ставање во притвор на лице коешто се очекува да се донесе пресуда за еден од, според мене, најважните случаи во Република Северна Македонија, а тоа е разрешницата преку пресуда на Основен суд за случајот за прислушкувањето таканаречен Таргет-Тврдина“, рече Заев.
Прашан дали може да се очекува политичка одговорност, премиерот рече дека согласно исходот, тоа ќе го побарал:
„Ред е да видиме деталите и секако, доколку има било каков пропуст, или било што што не е дозволиво, одговорност ќе побарам јавно“, изјави тој.
„Уште еднаш потенцирам, најодговорно и најстрого, према сите институции, заради тоа што ќе очекувам одговорност за ваквиот случај, таму каде што затаило спроведувањето на самиот закон. Деталите ги знае веќе јавноста – дека е изречено решение од суд за домашен притвор некаде 18-18.30 часот, МВР веднаш постапило и лицето не е затечено во домот или на двете локации кадешто е барано. Очекувам да се пронајде лицето и да се спроведе судското решение, т.е. господинот Мијалков да биде ставен во домашен притвор, како што очекува целиот наш народ“, додаде Заев
Прашан дали можеби бегството на Мијалков е резултат на договор, тој категорично демантира:
„Апсолутно дека нема политички договор. Прво, јас сум среќен што како прв во извршната власт сме обезбедиле услови во време после режим, после пљачкање на државата, со сите бесни пари, со сите влијанија и моќ, е организиран правен процес кој еве финишира. И тој правен процес очекувам оваа седмица, како што е најавено, да финишира. Тоа го очекуваат граѓаните. И веќе е најавена казна, веројатно, заради јавните седници коишто се отворени и јавно презентирани доказите, и веројатно тоа е причината зошто не можело да биде пронајдено лицето дома. И тоа што од извршната власт е спроведено – е спроведено јасно, апсолутно до крај владеење на правото без разлика за кој, без разлика во каков моментум и без разлика дали е од власт или опозиција или за било кој од случаите да се работи. Очекувам комплетно да има разрешница на случајот, како што очекувам час поскоро да биде лоциран и секако ставен да биде во домашен притвор“.
На забелешката дека и досега немало одговорност за никој од осудените од СЈО кои побегнаа од правдата, Заев повтори:
„Уште еднаш потенцирам, јас, а и нашиот народ е разочаран и очекува лоцирање и негово пронаоѓање за да може да биде исправен пред соопштувањето на пресудата и доколку биде осуден, секако, да си ја лежи казната. Второ, очекувам комплетно детали, како јас, така и нашиот народ, еве и вие новинарите – што се случило, каде бил, како е спроведено решението, зошто не е пронајдено лицето и сл. Тоа го очекувам и секако, согласно тоа, најавувам одговорност. Дали ќе биде БЈБ, дали АНБ, МВР, премиер или било кој, ако има погрешено, тоа што е во рамките на извршната власт. Доколку не е под надлежност на извршната власт, а е некоја друга власт, исто така и народот, а богами и јас, очекувам одговори од кој и да е.
Така да, прва поента: Да се лоцира и да се најде, да биде исправен пред соопштување на пресудата и доколку биде осуден да си ја служи казната. Втората поента којашто ја испраќам е: Апсолутно очекувам целосно одговори на тоа што се случило, заради тоа што и нашиот народ тоа го очекува. И трето: Чекам истрага на целиот овој случај, со соодветна одговорност од самите институции.
На забелешка на новинарка дека постојат преписки дека Мијалков бил дома кога било издадено решението, Заев изрази увереност дека МВР постапувало соодветно:
„Што и да е нека излезе во јавноста. Не само народот, и јас очекувам будно око комплетно насочено на ова, не само од мене, туку од целата јавност. Мора да го расветлиме случајот – дали бил дома, дали не бил дома, дали некој го толерирал или слично. Ако имало решение на суд во рацете на институцијата под извршната власт, а тоа е МВР, и таа не го спровела решението – бил дома а не е ставен во притвор, одговорност ќе има најголема на свет, се разбира. Така да, да ги почекаме деталите, јас реков, и одговорност да видиме да лоцираме, затоа што сето тоа е шпекулација – имало или немало“.
Заев не се согласи со забелешка на новинарката дека МВР ги чува лицата и пред пресуда, кога се очекуваат високи казни:
„МВР постапува по закон. Постапувањето на МВР е ‘набљудување на јавни простори’, читајте го законот, ‘за лица за коишто постојат сомневања дека би можело да се впуштат во бегство’. И јас сум убеден дека таквото постапување МВР го направило, односно набљудување на јавни простори, затоа што знам и сум во координација со министерот за внатрешни работи. Но да ограничи слободи и права, треба да постои судско решение“.
Заев се согласува со констатацијата дека судскиот систем треба да го промени системот и оние кои се соочени со осудителна пресуда истата да ја чекаат во притвор, а не да им се дава можност да побегнат:
„Логично тоа го очекува и нашиот народ, еве и јас, затоа што треба да учиме од искуствата. Ако еднаш се случило, може да се случи и двапати, и трипати, и четирипати. Треба да учиме од ваквиот систем, но треба да знаеме дека обвинител кога прави завршни зборови, тој оценува што бара од судот. Судот е тој којшто ја води постапката и е контролор, односно тој управува со целиот овој предмет. Извршната власт е надвор од целиот систем. Не се оградувам, може ќе испадне дека е пропуст на извршната власт. Давам јавни коментари кој за што е надлежен и што можел или не можел да постапи во соодветниот процес или период.
Така да, деновите се пред нас, ќе ги добиеме сите одговори. Ова е презначајно, народот е гневен, го видовте избликот на нервоза, на очекување од луѓето. Ќе го следиме процесот, тука сме, но уште еднаш потенцирам: Очекувам брзо негово лоцирање, пронаоѓање и спроведување на судското решение. Второ – детали, јавноста чека детали; што се случило, каде бил, кога последен пат е виден, кога е издадено судско решение, како постапило МВР, што правел судот, што правело јавното обвинителство… и согласно тоа, ако има пропуст, одговорност секако ќе има“, порача премиерот.