„Во отсуство на суштинска аргументација не треба да има предвремени парламентарни избори и по две децении ред е да одиме на редовни во 2024 година со цел да се даде шанса економијата да живее, да функционира општеството и граѓаните да си го планираат својот живот и својата работа“, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за весникот „Коха“.
Заев потсети дека извесен период Парламентот беше блокиран поради пратеници болни од КОВИД-19, но потенцира дека, со оглед дека во тек е ревакцинацијата на пратениците, тоа веќе нема да може да се злоупотребува како аргумент.
Според Заев, нереално е со „отсуство на квалитетни концепти и стратегии“ најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ да формира поголемо парламентарно мнозинство од актуелното, особено што, како што рече тој, досега преку користењето на деловничкото право за поднесување илјадници амандмани тие само ја кочеле работата на Парламентот, особено во Комисиите каде претседателот е од редовите на опозицијата. Тоа, вели Заев, нема да се реши ниту со нови парламентарни избори наесен.
„Сега ни претстојат локални избори, многу важни избори за градоначалници и советите во општините. Исклучително значајни за животот на граѓаните, бидејќи секојдневното функционирање во огромен процент е врзано со општината. Под надлежност на општините се школите, градинките библиотеките, пожарните, комуналните претпријатија и нивното квалитетно функционирање е многу важно за секојдневието на граѓаните“, вели Заев за „Коха“.
Во однос на локалните избори, тој истакна дека СДСМ ќе продолжи да ја негува отвореноста кон сите етнички заедници и градењето коалиции, бидејќи, како што вели, со несебичното делење на власта се добива во квалитет и истата станува подемократска.
„Лани ја направивме првата целосно мултиетничка коалиција со Движењето БЕСА, којашто влезе со нас и веројатно заедно ќе одиме на овие избори. Ќе направиме сè да одиме заедно како и со нашите други коалициони партнери, дали тоа ќе биде во втор круг или во прв круг зависи од кандидатите“, вели премиерот, според кого тоа е многу логично, природно и демократски.
На локалните избори, сепак, најважен е квалитетот на кандидатите кои ќе им бидат понудени на граѓаните, истакна Заев. „Затоа следува период на сериозни истражувања и анализи, теренски анкети со луѓето со цел да ни кажат што е најдобро, бидејќи тие кои ќе бидат поставени ќе им служат на граѓаните“, додаде тој.
Во интервјуто, Заев посочи и дека очекува успешни локални избори кои, пред сѐ, ќе бидат демократски, фер и чесни. Победата на истите, како што рече, ќе биде дополнителна потврда дека оваа власт се движи во вистинскиот правец, но ќе значи и натамошно подобрување на власта во служба на граѓаните.