„Кризата од КОВИД-19 покажа колку се важни пријателите за да се победи пандемијата“, порача премиерот Зоран Заев откако денеска пристигна донацијата од 20.000 вакцини на „Астра Зенека“ од страна на Грција.
Како што претходно соопшти министерот за здравство Венко Филипче, во моментот на примопредавањето на скопскиот аеродром, премиерот пристигнал од Брисел и наминал да ги поздрави грчките пријатели. Тоа го потврди и премиерот.
„Пријателска подадена рака од Владата на Грција ме дочека на враќање од Брисел по Самитот на НАТО. Министерот за здравство, Венко Филипче од делегацијата на грчката влада ја прими донацијата од 20.000 вакцини Астра Зенека.
Од мое име и од име на сите граѓани на Северна Македонија, изразувам голема благодарност за овој чин на солидарност до грчката влада и до народот на Грција“, порача Заев.