Заев во Тетово: За трагедијата треба да постапуваат институциите, а не политичарите

Институциите се тие кои треба да постапуваат за трагедијата, а не политичарите, порача лидерот на СДСМ и премиер – Зоран Заев, вчера на централната граѓанска трибина во Тетово, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во модуларната болница кој се случи на 8 септември и резултираше со 14 жртви.

„Дозволете да изразам уште еднаш тага и жалење и сакам да испратам сочувство до семејствата. Информирањето за трагедијата оди преку институциите, и така треба да биде. Јас вечерва нема да ја злоупотребам оваа тема за партиски изборни цели како што тоа го прави противникот. Затоа нема да зборувам уште за тоа и уште еднаш изразувам жалење, споделувам тага за настанот кој длабоко нѐ погоди“, рече Заев.

Пред тетовчани, тој истакна дека СДСМ, наместо на политиканство и профитерство, се посветени на конкренти мерки и политики.

„Државата во овие четири години ја поставивме на исправен пат, пат кој нѐ одведе во НАТО како 37-ма земја на најсилниот сојуз во светот. Тетово знае што е конфликт, што носат пукотници и детонации, но тоа нема да се повтори. Денес сме членка на НАТО, имаме безбедност мир и просперитет еднаков за сите“, рече лидерот на СДСМ.

Потсети дека денес се живее концептот „Едно општество за сите“.

„Не се гледаат заедниците преку визир на омразата, туку преку соработка и разбирање. Тоа во Тетово најдобро го знаете“, истакна Заев.

Истовремено, тој за Тетово најави четири стратешки инвестиции во вредност од 450 милиони евра (види ТУКА).

- Реклама -