Мирен и спокоен е народот којшто ја има честа да го искуси мирот и спокојот на Бигорски, порача денеска на Фејсбук премиерот Зоран Заев, кој во рамки на своите работни посети низ Западна Македонија, вчера попладне ја посети и Свештената Бигорска Обител.
„По молитвите на св. Јован, на св. Климент и св. Наум, нека ова македонско светилиште засветли со севкупниот, како надворешен сјај, исто така и со духовен живот, со служење на секојдневни богослужби, та да бидете центар на духовната преродба на македонскиот народ и на Македонската Православна Црква“, додава Заев во постот, цитирајќи извадок од проповедта на Митр. Тимотеј, изговорена на 6 август 1995 година.
Како што соооштија од Бигорски манастир на својата веб страна, премиерот Заев бил пречекан од страна на монашкото братство и одведен во манастирскиот католикон, каде што накратко му било раскажано за историјата на Обителта. Тој го искажал своето задоволство од грижата на Братството за благолепието на храмот Божји, за градителските потфати, а покажал посебен интерес за историјата и содржината на прочуениот иконостас, стои во објавата.
По посетата на храмот, Заев со своите придружници бил и во големата манастирска сала за свечености, каде што деновиве се одржуваше Втората малореканска научна конференција, насловена „По патеките на Дичо Зограф“.
Таму, имал можност да го слушне излагањето на проф. д-р Сашо Цветковски за украдените икони од црквите во реканскиот крај и при што изразил подготвеност да помогне за нивно враќање од Албанија каде што припаѓаат.
„На крајот од својата кратка посета, премиерот оствари средба и со старецот и игумен на манастирот, епископ Антаниски г. Партениј“, кој го запозна со тековните дејности на Обителта. Премиерот се заблагодари за топлиот пречек и истакна дека Бигорски е сенароден сакрален споменик, кого сите треба да го почитуваат, без разлика на верската и национална припадност“, се наведува во објавата.
Заев и лично му се заблагодарил на владиката Партениј за неговиот пожртвуван труд и грижа, кој како домаќин на ова значајно македонско Светилиште, направи многу за неговото заживување, разубавување и одржување, но и за големата општествена мисија што тоа, под негово игуменство, ја спроведува во изминатите речиси три децении од обновувањето на монаштвото во него.