Заев: Вакцинацијата не зависи од нашите постојани заложби, туку од светскиот недостаток на вакцини


„На почеток на пандемијата никој не можеше да каже дека ова ќе трае цела година, а еве сега, и после година, уште не знаеме каде е крајот. Многу работи не ни беа познати, и нам и на светот, но сега знаеме повеќе. Прво, се научивме каде да дејствувавме, како да ја санираме економијата, како да го заштитиме јавното здравје.. Нема поважно од здравјето. Второ, многу луѓе поминале низ вирусот, иако имаме над 100 илјади официјални, сепак бројката на заразени е пет пати поголема. Многу млади ја поминале болеста без симптоми. Веќе има многу луѓе со антитела. Вакцинирањето на здравствените работници е исто така важно за намалување на интензитетот на вирусот. Ние за вакцините сме направиле сѐ, дури поминавме и преку прагот, за да дојдеме до вакцини. Ако проценката е дека треба да вакцинираме милион граѓани, ние имаме нарачано 2.35 милиони вакцини, од Фајзер, Кина, Русија, преку системот Ковакс, преку ЕУ, значи сме направиле сѐ. Гледате и во посилните држави имаат недостаток од вакцини“, изјави премиерот Зоран Заев денеска во вестите на „Сител“.

Тој посочи дека до крајот на март, според најавите на производителите и според потпишаните договори, се очекуваат поголем број вакцини од секаде, па затоа овој месец ќе започне масовната вакцинација.

„Ќе се потрудам да го соопштам тоа што го знам, договорот со Фајзер е потпишан и до крајот на март очекуваме 21.000 дози, во април и мај поголеми количини. Преку системот на ООН, Ковакс, 20 до 30 илјади дози пристигнуваат овој месец. Очекуваме од Русија другите количини да ни ги достави, како и сите 200.000 вакцини од Кина. Споделуваме сѐ со јавноста на транспарентен начин, но не зависи од нашиот труд и заложба, туку од светскиот недостаток за вакцини“, објасни Заев.

- Реклама -