И во меѓувреме оствариле разговор, а денеска и ќе се сретнат со рускиот амбасадор во земјава – Сергеј Баздникин, истакна премиерот Зоран Заев во изјава за новинарите по отварањето на 31. бензинска станица на Лукоил во државава, денеска во Арачиново, на која освен претставници на Владата присуствуваа и локалната самоуправа, присуствуваа и претставници од Амбасадата на Руската Федерација.
Пред медиумите премиерот Заев ги потврди неофицијалните информации на „ТВ24“ добиени од владин функционер – дека средбата со рускиот амбасадор е закажана уште пред десетина дена и не е директно поврзана со телефонскиот пранк што му го сместија руските шегаџии Вован и Лексус. Сепак, на средбата се очекува да се зборува и по ова прашање.
„Сметам дека овие пранкови или фејк перформанси претставуваат приватни работи, не се акт од Руската Федерација и не смеат ваквите работи да се испречат пред нашите пријателски односи. Соработката со Руската Федерација е една од нашите цели, зајакнување на таа соработка на економски и на секаков план“, истакна Заев, додавајќи дека за јавноста е јасно дека Русија не сака Северна Македонија да биде членка на НАТО, но не поради самите нас, туку поради тоа што е против проширувањето на Алијансата.
Северна Македонија е мала земја и сака да биде пријател со сите, дури и со оние што се против проширувањето на НАТО, и нашата намера со членството во Алијансата не е непријателство кон Русија, туку задржување на мирот во земјава и регионот, додаде Заев.