Нагласувајќи дека оваа Влада е влада на работниците, премиерот Зоран Заев уште еднаш апелираше секоја компанија што има можност, па и оние што покажуваат загуба, да исплатат регрес за годишен одмор, односно К-15, бидејќи, како што рече, работниците се трајното добро не само за компаниите, туку и за државата.
Заев истакна дека е точно дека, согласно Законот и колективните договори, компаниите што покажуваат загуба не се задолжени да исплатат К-15, но посочи и дека дел од компаниите што оваа година ќе покажат загуба сепак имаат добра акумулирана добивка од претходните години или пак имаат сериозен потенцијал загубата од оваа да ја покријат во 2021 година.
Работниците се најважниот капитал и во компаниите и во државата, а водењето грижа за повисоки примања на работниците ја зголемува и потрошувачката моќ за самите производи или услуги на компаниите, додаде Заев, посочувајќи дека во таа насока се и низата мерки на Владата за зајакнување на приватната потрошувачка, како куповните картички, така и помошта за компаниите за плати и стабилност на платите.