Премиерот Зоран Заев, на својот официјален Фејсбук профил, денеска ја повтори пораката од пред два дена од Дебар, кога се шегуваше дека една од бројните инвестици е за производство на кочници со логото на ВМРО-ДПМНЕ и ликот на Мицкоски и дека и тие „кочници“ ќе бидат надминати.
„Сите кочници на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги разбиеме затоа што сѐ што правиме е во интерес на граѓаните, затоа што сме паметни и искрени во намерите. Се обидуваат да ги закочат сите проекти, но нема да им дозволиме“, повтори денеска Заев, овојпат со драматична музичка позадина.
„Имаме инвестиции насекаде, имаме и една нова инвестиција којашто се случува во последните неколку месеци и блиску до македонското Собрание. Таа нова инвестиција е исто така во автомобилската индустрија; инвестицијата е во гуртни, во блокови, во кочници, има амблем на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски на него, и на амбалажата пишува ‘Најголеми кочници во светот’. Ама и тие кочници ќе ги разбиеме, затоа што сме кротки, затоа што сме паметни и искрени во намерите.
Не може да ги закочат процесите за единствениот Клинички центар во државата, да ги закочат новите инвестции на американскиот ‘Бектел’ кој треба да ги изгради останатите делници од автопатите во државата (од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Кичево и автопатско решение Струга – Ќафасан). Се обидуваат да ги закочат сите проекти, но нема да им дозволиме, зашто сѐ што правиме е во интерес на граѓаните. Клиничкиот центар сигурно ќе биде под 500 милиони евра, прашање е дали ќе го изградиме или не. Им понудивме иако се опозиција да имаат мнозинство во управувањето на градбата на центарот и до ден денес тие ја блокираат изградбата“, рече Заев, меѓу другото, пред два дена во Дебар.