Најавата на американскиот претседател Џо Бајден за враќање на силното присуство на САД на светската сцена, е од исклучителна важност за Западен Балкан – истакна премиерот Зоран Заев на „Преспа форумот за дијалог“.
Заев потенцираше дека дипломатскиот ангажман на САД се заснова на најскапоцените демократски вредности на оваа земја, а притоа потсети и дека САД се наш стратешки партнер.
„Ова е добра прилика да ја изразам и нашата благодарност за постојаната, отворена и искрена поддршка на Америка за нашите аспирации колку што може поскоро да ги започнеме преговорите за членство со Европската Унија. Отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ останува наш највисок стратешки приоритет, а ја користам оваа прилика уште еднаш да го потенцирам она што, верувам, е јасно и за Брисел: Дека билатералните прашања немаат место на преговарачката маса, став за кој недвосмислено се согласивме со Помошникот Државен Секретар – Филип Рикер“, категоричен беше Заев.
Тој повтори дека отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ останува наш највисок стратешки приоритет, притоа потенцирајќи дека од исклучителна важност е и поддршката од САД во процесот на изнаоѓање решение за започнување на преговорите со ЕУ.