Заев: Северна Македонија е мозаик од различности, Охридскиот рамковен договор ја испрати пораката за меѓусебно разбирање

„Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности. Почитувајќи ги овие уникатности и истовремено јакнејќи ја институционално нашата држава со преземање инклузивни и позитивни политики, ги поставивме темелите на Северна Македонија како рамноправно општество“, рече премиерот Зоран Заев на Свечената академија по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Овој договор, оцени премиерот, донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, наместо да ги рушат.

„Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни Татковина“, рече Заев.

Тој подвлече дека како држава сме ги преземале сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое е цврсто базирано на, како што рече, владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права и почитување на различностите.

„Концептот за Едно Општество денеска е со силна база и во него силно веруваме. Создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници“, заклучи премиерот.

- Реклама -