Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски денеска први ја „испробаа“ новата делница на патот Штип-Радовиш. Веднаш по завршувањето на свечената церемонија за пуштање во употреба на патот во должина од 23.5 километри, двајцата седнаа зад волан, изразувајќи задоволство од современите стандарди при изградбата на новата патна инфраструктура.
Како што истакна Заев, оваа делница е од капитално значење за целиот југоисточен регион, при што двојно ќе се скрати времетраењето на патување од Струмица до Скопје.
„Во рок од три години, согласно предвидената динамика добивме завршен проект по сите европски правила за подигнување на нивото на безбедност во сообраќајот и изградба на експресен пат по најсовремени стандарди. Сакам да напоменам дека во последните триесет години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок и силно верувам дека овој тренд на прецизност, висока професионалност и без никакви проектни и градежни отстапувања ќе се следи и во иднина“, рече премиерот.
Бочварски подвлече дека интензивно се работи и на изградба на втората фаза од овој експресен пат – делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ како и делницата од Бучим до Радовиш.
„Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена средината на следната година“, рече Бочварски.
Инвестицијата во изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш чини 60 милиони евра, а како што рече Заев, државата во патната инфраструктура дополнително ќе инвестира над 1.5 милијарди евра.
Повеќе ТУКА.