Заев се сретна со Реџепи од Беса: „Народната волја за мирно и заедничко живеење ќе остане изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот“

Премиерот Зоран Заев денеска, во просториите на Владата, оствари средба со пратеникот од Беса кој „се засолни“ на денот на гласањето недоверба на Владата – Кастриот Реџепи.

На средбата, како што информираат од Владата, двајцата уште еднаш ја потврдиле заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата, како определба на огромното мнозинство граѓани на земјава.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Реџепи низ разговорот потенцирале дека во последните години државата и народот направија големи чекори за обезбедување сигурна и безбедна иднина, при што изразиле уверување дека народната волја за мирно и заедничко живеење во Северна Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот.

„Двајцата соговорници се согласни дека односите меѓу Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во Северна Македонија се братски, пријателски и другарски и дека сите политички чинители имаат и обврска и одговорност овие односи да ги негуваат и унапредуваат“, се наведува во соопштението.

На средбата биле изнесени и очекувања за конечно исполнување на ветувањата од страна на Европската Унија и одржување на првата меѓувладина конференција, со што би започнале преговорите за членство на нашата земја во ЕУ.

- Реклама -