Заев: Самоопределбата за попишување на дијаспората ја прави разликата на попишаните со вкупниот број на гласачи

„Целата дијаспора нѐ ни е попишана. Некаде околу 200 илјади граѓани од дијаспората се попишани, а сите знаеме дека дијаспората е голема. Тоа што останува на самоопределба за попишување на дијаспората и тука го гледаме делот на разликата на попишаните со вкупниот број на гласачи“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања.

Сите тие граѓани, посочи Заев, се државјани, како основ на државјанство ги има со свои адреси овде и тие се во избирачките списоци.

„Од вкупната бројка кога ги гледате ја сфаќате логиката зошто сме околу милиони и осумсто илјади гласачи, а еве милион и осумсто и читириест илјади колку што точно објави Државниот завод за статистика сме жители, кои што живеат овде во државата. Заедно со дијаспората веројатно некаде околу два милиони и четириесет илјади се попишани. Но, тоа што останува на самоопределба за попишување е кај дијаспората и тука го гледаме делот на разликата на попишаните со вкупниот број на гласачи и е логично“, изјави Заев.

Синоќа, по официјалното завршување на пописот, директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) – Апостол Симовски, на прес-конференција информираше дека попишани се вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Во дијаспората, пак, се самопопишале 204.805 македоински државјани – најмногу од западноевропските земји, а многу помалку од прекуокеанските земји.

Симовски оцени дека пописот е успешен и додаде дека занемарувачка е бројката на оние што одбиле да се попишат. Според него, таа може да се изрази во промили, а не во проценти. За овие лица, потенцираше директорот на ДЗС, има искази кај попишувачите и ќе бидат покренати постапки.

„Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои тоа не успеаја да го направат сепак ќе бидат дел од пописот бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите кои ќе се користат при обработката на податоци, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата“, рече Симовски, зборувајќи за лицата кои не биле опфатени во процесот на попишување.

Резултатите од пописот, како што рече, се очекува да бидат објавени во рок од шест месеци од денот на завршувањето на пописот, односно до крајот на март следната година.

- Реклама -