Премиерот Заев е задоволен што претседателот Стево Пендаровски, и покрај тоа што лично не се согласува со предлогот етничката припадност да стои во личните карти, нема намера да не го потпише указот за Законот доколку мнозинството во парламентот го донесе.
„Мене ми е драго, внимателно го читав исказот и интервјуто на претседателот, што секако почитува ако мнозинството одлучи и го донесе законот тој да го потпише указот. Убавината на луѓе што веруваме во исти вредности е во тоа што понекогаш, за одредени аспекти, сме различни. И тоа е многу логично. Сепак претседателот е прв во државата, за мене е вредно за внимание, нормално на првиот состанок ќе разговараме за аргументациите повеќе плус или не“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на БЕСА и различните мислења, конкретно тоа на Пендаровски.
„Знаете дека ова произлезе од еден сериозен процес кога се случуваа уставните промени. Сериозна политичка партија – БЕСА, го побара. Тогаш ги дадоа своите аргументации, тогаш јавно, и како тогашна влада, објавивме дека е ова прифатливо. Секако, се консултиравме – е во духот на Преспанскиот договор. Личната карта е документ за идентификација и точно е тоа, а во мултиетничко општество, кога помалите етнички заедници се гласни, ние не смееме да останеме неми и да не бидеме реактивни. Не губи најголемата заедница – Македонците, ништо. Ќе имаат опишано ‘Македонци’, ќе бидат опишани ‘Албанци’, ќе бидат опишани сите. Секако ќе водиме грижа за сите етнички заедници во државата, но секако државјанството е една карактеристика којашто е задолжителна во тие документи, а никаде не е забранета ниту пак е ограничена да биде етничката припадност“, рече премиерот.
Според него, „нашата земја е навистина многу различна од многу други земји, и тоа по добро; Соживотот, мултиетничноста, мултикултурата, мултирелигискиот аспект на животот во Северна Македонија е наше богатство и навистина треба да го следиме тоа богатство, да го негуваме и да го надградуваме“.
Одговарајќи на потпрашање на истата тема, Заев посочи дека Грција нема проблем во личните карти да стои и етничката припадност:
„Како што реков, ова е даден збор, аргументиран од страна на БЕСА уште 2018, 2019 година, буквално кога се гласаа уставните промени. Аргументациите ги разгледав јас, тимот, со сите стручни служби. Секако, уште еднаш тоа го проверивме низ Преспанскиот договор. Сме разговарале, може не јас лично, но моите советници, министрите за надворешни работи, тогаш и сега, и е апсолутно во корелација со Препанскиот договор. Важно е да се почитува до крај државјанството, каде што стои ‘македонско/граѓанин на Република Северна Македонија’. Етничкиот идентитет и на Македонците е потврден со Преспанскиот договор, како што е потврден и македонскиот јазик и апсолутно нема никакво загрозување на било кои интереси дома од различностите наши или пак надвор. Апсолутно нема никакви пречки ниту задршки од страна на пријателска Грција. И секако, аргументациите остануваат на сила, заради тоа што сме дале збор, се одржаа состаноци со работни групи, со МВР, проектираа рокови на имплементација, како тоа треба да се имплементира, како се менуваат формуларите, кој е процесот и периодот, така што деталите можат и од МВР да ги споделат“, истакна Заев.
Во однос на тоа дали наведувањето на етничката припадност во личната карта ќе биде опционално (по избор на секој граѓанин лично) или ќе важи за сите, премиерот нема конечен одговор.
„Сум чул за таквите предлози, никој не разговарал со мене дали да биде опционо или не. На крајот некој треба тоа да го плати, тоа ќе го платат граѓаните преку документите. Затоа што кога го правите формуларот правите template за сите и на крајот само ги внесувате податоците. И при вакви околности, веројатно од многу постручни луѓе од мене, ќе кажат што значи тоа оставање празно место ако нејќе граѓанин определбата или сака пополнување. Ако е така едноставно, тогаш не е проблем“, рече тој, изразувајќи увереност дека ќе се изнајдат најпрагматичните решенија.
„Немам проблем за рационални решенија коишто ќе излезат во пресрет на сите заинтересирани страни, за да им биде поприфатливо на оние што имаат резерва, затоа што секогаш треба да тежнееме кон консензус. Мене ми е драго што и најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ се изрази позитивно по ова прашање“, додаде премиерот.