Заев: Политиките на добрососедство се причината зошто од денес македонскиот народ нема проблем со името, црквата или безбедноста

„Со благословот и Tомосот за автокефалност на МПЦ-ОА што Српската православна црква го упати до Вселенската патријаршија, веќе не постои ниту една пречка и очекуваме патријархот Вартоломеј да ја прогласи МПЦ-ОА и официјално за автокефална. Нека е за многу години овој голем ден, историски за православието и за македонската државност“, напиша на Фејсбук поранешниот премиер Зоран Заев.

Според него, Договорот од Преспа, членството во НАТО, Отворен Балкан и политиките на добрососедство се причината зошто, како што истакна во објавата, „од денес македонскиот народ нема проблем ниту со името на својата македонска земја, ниту со својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ниту со својата безбедност и сигурност“.

„Македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија, сите заедно одлучивме да живееме во мир, единство, слога и напредок. Одлучивме да решаваме проблеми и да создаваме иднина.

Живееме и ќе живееме во слога со нашите балкански браќа и сестри, целосно ја заокружуваме нашата духовна и државна независност“, напиша Заев.

„Нека е за многу години овој голем ден, историски за православието и за македонската државност“, порача поранешниот премиер.

- Реклама -