Работничките и работниците се движечката сила на македонската економија и на развојот на нашето општество, порача денеска премиерот Зоран Заев по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, честитајќи им го празникот.
Тој посочи дека пандемијата, покрај здравјето, загрози и илјадници работни места, и дека токму затоа, врвен меѓу економските приоритети на Владата бил македонскиот работник.
„Обезбедивме поддршка за да се зачуваат илјадници работни места, за илјадници вредни работници редовно да земаат плата и да однесат приход во своето семејство.
‘Работните места на прво место!’ – тоа беше главната цел на првите состаноци со економските тимови кога почна пандемијата. И задоволен сум што оваа наша цел немаше многу противници. Напротив, преку заеднички консултации и со фирмите и со синдикатите, успеавме да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани и со тоа да ја држиме економијата жива и динамична. Со тоа уште еднаш се докажа дека работниците се движечката сила на економијата и на развојот на нашето општество“, додаде Заев.
Премиерот не пропушти да се пофали со зголемувањата на платите во овој и претходниот мандат на Владата под негово раководство.
„И покрај ударот од глобалната Ковид криза, платите продолжија да растат. И ќе растат и понатаму. За неполни четири години минималната плата ја донесовме од 9.000 до над 15.000 денари. Тоа е повеќе од 6.000 денари месечно по лице, или 72.000 денари повеќе за секој работник годишно. И ќе расте. Платите особено пораснаа во здравството, образованието, но и во армијата, во полицијата и во социјалниот сектор. А со субвенциите за придонеси на фирмите, околу 200.000 вработени во реалниот сектор добија поголеми плати“, истакнува Заев.
Тој потсетува и дека е решена историската неправда кон стечајните работници, и тоа за околу 12.000 лица кои добиваат месечен надоместок од 8.000 денари до нивното пензионирање.
„Економско-социјалниот совет е отворен дури и за оние синдикати кои не се репрезентативни. И со сите нив, во името на правата и грижата за работниците, го креираме новиот текст на Предлог-законот за работни однос“, порача премиерот, додавајќи дека, конечно, и недела станува неработен ден.
„Почитувани граѓани, работнички и работници, економијата ни е стабилна, кризата ја поминавме без поголеми потреси и конечно излегуваме од неа. За тоа сте најзаслужни токму вие и вашиот труд! Бидете горди поради тоа и знајте дека државата е тука секогаш за вас, затоа што оваа држава ја разбира и цени работничката мака. Нека е честит 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Нека е за многу години!“, вели Заев во обраќањето.