Откако дел од медиумите објавија дека викендов премиерот Зоран Заев во Охрид остварил средба со синот на Џорџ Сорос, денеска од Владата ја потврдуваат информацијата. Се работи за Александар Сорос – заменик-претседавач на Фондациите „Отворено општество“, кои, како што се вели во одговорот, се залагаат за унапредување на човековите права, правда, подобро јавно здравство и образование.
Како што велат од Владата за „А1он“, средбата со Александар Сорос била остварена поради консултации за новата регионална инцијатива за Западен Балкан и е само една во низата средби со меѓународни организации кои даваат придонес и експертиза за иницијативата, остварени во Охрид и Нови Сад. Средби биле остварени и со претставници на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Регионалниот совет за соработка.
Во иницијативата нема ништо тајно, велат од Владата, и покрај тоа што средбата ниту беше најавена, ниту за истата имаше официјално известување. Засега, мистерија останува и за што се разговарало на средбата. Повеќе детали ТУКА.
Заев се сретна со Александар Сорос и во август (фото горе). „Одлично потрошено време со премиерот Зоран Заев. Разговаравме за неискористениот економски потенцијал на Северна Македонија и за зајакнување на регионалната соработка во корист на сите северно македонски граѓани“, напиша тогаш синот на милијардерот на Твитер.