Заев од Куманово: Македонија е мезал’к, а вмровци назад на власт мало сутра! (ВИДЕО)

„Почитувани кумановки и кумановци, почитувани мои сограѓани, навистина одлуката што ја носиме е премногу сериозна. Јас ќе спомнам едно традиционално јадење овде, се вика кумановски мезал’к“, се обрати премиерот Зоран Заев на трибината во Куманово за поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

„Сите знаеме дека е убаво јадење. Убавината е заради тоа што сите намирници се различни внатре, и многу убаво се надополнуваат. Таква е и нашата земја – обединета во различностите. Живееме со различни наши верски определби и со наши етнички припадности. Дури и со убави разнолики културолошки наши традиции и посебности. Но сите заедно го градиме соживотот. Убаво се надополнуваме, убаво се разбираме. Тоа е нашето богатство и тоа е нашата убавина. Немаме намера никој да ни го разруши тоа наше единство и заедништво“, порача Заев, предупредувајќи ги граѓаните во Куманово дека гласот за противкандидатот Силјановска ќе значи враќање назад во залошништво, неизвесност, калкулантство и нови поделби, особено со оглед што Силјановска е противник на Преспанскио договор и Законот за јазици.

За Заев е спорен и патриотизмот и самото „вмровштво“ на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ги слушам како се прават поголеми патриоти и националисти, бааги големите вмровци. Дали знаете дека Никола Груевски доаѓа од Демократска Алтернатива? Христијан Мицкоски доаѓа од Социјалистичката Партија, а Гордана Силјановска била во владата на СДСМ, сегашното раководството на ВМРО-ДПМНЕ е од Народна партија. Биле они тоа тврдокорни вмровци… Само власт ги интересира, ништо друго! Спремни се и државата да ја пуштат низ вода, само да се вратат на власт! Ама мало сутра! Веќе назад нема, нема враќање затоа што избравме вистински пат и од него откажување нема“, порача Заев (21:55 во видеото).

- Реклама -