Заев и Николовски со силна поддршка за отстранувањето на дивоградбите во Охрид, се надеваат наскоро тоа да го поздрават и во Струга

„Изразувам силна поддршка за одлучната акција за отстранување на бесправно изградените објекти на охридското крајбрежје што ја спроведува Општина Охрид и Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид“, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Според него, ваквите активности во Охрид покажуваат дека правната држава става крај на хаосот и импровизациите на територијата на Охридскиот Регион и на езерското крајбрежје прогласено за светско наследство, заштитено од УНЕСКО. Целта, вели заев, е да го реафирмираат владеењето на правото и да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.

„Сите се еднакви пред законите и сите мора да ги почитуваат, а ова особено е важно кога е во прашање заштитата на вредностите на светското наследство.

Општина Охрид презема храбри и конкретни чекори кои сите треба да ги поздравиме. Се надевам дека наскоро ќе може да ја поздравиме и одлучноста на Општина Струга“, порача Заев.

Освен премиерот, поддршка за акцијата на Општина Охрид изрази и вицепремиерот за борба против корупција и криминал – Љупчо Николовски.

„Нема отстапки во зачувување на статусот ‘Светско наследство’ за природното и културно наследство во Охридскиот регион и заштита на охридското крајбрежје.

Давам јавна поддршка за преземените активности од страна на Општина Охрид и градоначалникот, Константин Георгиески, за заштита на ова наше, а светско наследство“, напиша синоќа тој на Фејсбук. Како и Заев, тој порача дека законите мора да важат за сите:

„Сите се еднакви пред законите и сите мора да ги почитуваат, особено кога е во прашање заштитата на вредносите на светското наследство.

Владата е цврсто решена и одлучна за ставање крај на самоволието на крајбрежјето на Охридското езеро и на девастирањето на ова светското природно и културно наследство заштитено со УНЕСКО“, истакна Николовски.

- Реклама -