Поранешниот премиер и претседател на СДСМ – Зоран Заев, нема намера да се враќа во политиката. Ова беше неговиот одговор на новинарско прашање во Тетово, каде учествуваше на панел-дискусијата на тема „Енергетска и инфлаторна криза“, организирана од Студентскиот парламент и студентската асоцијација на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ).
„Немам намера да се вратам во политиката и, да им олеснам на неколку луѓе, и заради ‘Фондацијата Заев’ и заради моите општествени активности, јас си го сакам нашиот народ, јас ја сакам државата. Немам намера да се кандидирам за претседател на државата, мирни да бидат, спокојни. Дваесет години сум во политиката, ќе ја помогам оваа и секоја идна Влада. Имам наследство внатре, големи одлуки донесов. Сакам да успее мојот народ, сакам да успее државата. Убаво е да расчистиме. Не зборам само за кога бев политичар за опозицијата тогашна моја и за моите луѓе од СДСМ, и за коалициони партнери и за опозицијата, Заев нема да продолжи. Еве едно важно прашање, темите важни да ги пренесуваме, оваа тема можеби на некој ќе му олесни, ама на луѓето ги интересира живеачката, денеска тоа што се случува“, рече Заев.
На прашањето каде му е полесно, во политиката или во бизнисот, Заев вели дека најмногу му годи слободата.
„Јас дојдов од бизнисот и беше малку чудно лидер на социјалдемократска левичарска партија да дојде од капитал секторот, но верувам дека донесе една нова вредност затоа што практичарите ги гледаат на еден начин работите, а теоретичарите и креаторите на идеите на националните стратегии – од делот на професори, невладини организации – на друг начин, па се прави убав микс, тогаш имате една пореалистичка опција за развојот на државата. Мене ми е многу убаво во бизнисот каде што се вратив каде што доаѓам, верувам дека нема човек кој повеќе ѝ се радува на слободата. Се радувам на слободата. Се борев за слобода и демократски вредности во едно тешко време кога требаше да се применат, ги применив преку демонстрирање на поднесување на одговорност и оставка кога треба. Јас верувам, нашиот народ вклучително и политичарите ќе созреваат во делот на сите права кои народот им ги дава но и одговорностите што мора да ги понесеме сите“, нагласи Заев.
Заев рече дека на УЈИЕ со радост се доаѓа бидејќи има огромен позитивно влијание кон сите млади луѓе и поради тоа што е Македонија во мало.
Во поглед на енергетската криза, Заев оцени дека актуелната Влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски заслужува комплименти за справувањето со последиците. Како човек кој сега е дел од деловниот свет, тој смета дека Владата добро се справува со кризата и се произведува енергија во максимално можни граници.
„Дожност ми е да дадам мислење од искуството како мене и поранешни министри и премиери се прашуваат. Можам да изразам комплименти заради тоа што еве, како поранешен премиер кој заврши пред некој десет месеци, можев да се кладам дека тешко ТЕЦ Неготино ќе го стават во функција. Но, еве ги, двете турбини работат, Осломеј работи, двата блока во Битола работат, работи гасната електрана ТЕ-ТО во Скопје која што ја зеде државата, која е приватна ама ја управува државата, Когел работи, максимално се произведува енергија“, рече Заев.
Негова сугестија е да продолжи што е можно повеќе да се инвестира во сопствените извори на енергија. Тој рече дека како премиер сега би направил уште повеќе инвестиции во енергетиката само да има колку што може производство, зашто, како што рече, најсигурна и најстабилна енергија е домашната енергија.
„Колку и да се пријателски земјите вие зависите од страна. Видовте прво што тргна премиерот Ковачевски беше да осигура од соседите дека нема да има затворање на границите за извоз од таму на електрична енергија ако треба да го обезбедиме тоа. Ако имаме доволно енергија тоа гајле го немаме. И јас како премиер можев да направам повеќе, а и поранешните премиери и Влади можеа уште повеќе да направат. Да учиме од тоа да инвестираме во енергетиката. Имаме прекрасно сонце, за фотоволтаци, имаме ветришта на некои 20-тина локации со добри мерења за ветерници, имаме можност со интерконекторот сега да имаме диверфизикација на гасот, да не зависиме само од Гаспром. Ќе ги имаме азербејџанскиот, катарскиот, американскиот гас преку интерконекторот со Грција. Па тој се развива понатаму према Косово, према Србија, насекаде. Тоа се вредни тековни многу драгоцени инвестиции во енергетиката кои сега се случуваат“, рече Заев.
Извор: МИА