Иако Бугарија уште еднаш го потврди ветото и останува на позицијата за условување на зеленото светло за почеток на преговори со барања кои задираат во македонскиот национален идентитет, премиерот Зоран Заев не гледа потреба од предвремени избори. Прашан дали можеби размислува за оставка, како што направи по француската блокада кога Макрон бараше воведување нова методологија, Заев истакна дека граѓаните веќе се изјасниле и дека е нерационално при секоја одлука на ЕУ да се оди на предвремени избори.
„Знаете, во такви предизвици кога се случија уставните промени, ги направивме сите реформи дома и навистина тоа стопроцентно беше потврдено – заради новата методологија на предлог на францускиот претседател се случи одложувањето. Тогаш ја поднесов оставката и повикав на избори и отидовме на избори со главна помисла дека граѓаните треба да одлучат дали остануваме на европскиот пат или ќе разработуваме други варијанти. Одлучија граѓаните, дадоа поддршка и и покрај такви тешки процеси, еве, јас добив чест и одговорност повторно да ја водам македонската Влада. Сега мислам дека нема потреба, заради тоа што не е во ред. Секоја година се одлучува од страна на ЕУ и секоја година не е рационално да се оди на избори“, изјави Заев, кој присуствуваше на отворањето на нова спортска сала во ООУ „Јоаким Крчоски“ во село Волково.