На излегување од Основниот суд Скопје 1, запрашан дали постои можност претседателот Ѓорге Иванов да додели уште една амнестија во преостанатите два месеци до истекот на неговиот последен мандат, пред сè за истрагите што СЈО ги води против актуелни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, премиерот Зоран Заев порача дека со амнестиите е завршено.
Тој не очекува нова амнестија од претседателот, а за такво нешто, вели, нема ниту законска можност. Амнестија не очекува ниту од Министерството за правда, иако тоа има надлежност за отварање вакви постапки.
Амнестија Заев особено не очекува од Собранието, бидејќи како што вели, нема веќе потреба, нема такви случаи, ниту такви планови. Дополнително, тој отворено признава дека амнестијата за 27 април се случила поради потребата од двотретинско мнозинство:
„Законот за амнестија се случи во рамки на помирувањето, тоа е многу сериозен процес, кога на државата и требаше двотретинско мнозинство. Јавно го кажувам тоа и не бегам од тоа. Верувам дека парламентот нема потреба повеќе да посегнува по вакви работи затоа што овој случај беше јасно издиференциран, каде се одделија сите кои учествуваа во организација на насилство, од оние кои беа заведени во таквиот случај. Не верувам дека никој од институциите, ниту Министерството за правда, ниту претседателот, ќе отвори ваков случај на амнестија“, изјави Заев.
Тој во Основниот суд Скопје 1 присуствуваше во улога на оштетено лице – сведок, поради закани преку Фејсбук за, како што вели, негова ликвидација во организирана форма. Тој не посочи кој му се заканувал, со образложение дека не би смеел тоа да го направи во оваа фаза од судењето. Случајот, вели, му го остава на судот.