„Благодарение на епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј, на македонскиот народ но и на останатите словенски народи им беше овозможено самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена.
Благодарение на нивната цивилизациска мисија во чијшто темел е создавањето на првата азбука – глаголицата, подоцна нивните следбеници, а меѓу нив и Свети Климент Охридски, ќе ја создадат кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо“, порача денеска премиерот Зоран Заев, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители.
Тој додаде дека за извонредното значење на мисијата на Светите браќа говори и фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан, а со цел, според Заев, да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – Единствени во различноста.
„Делото со кое нè задолжија светите браќа Кирил и Методиј како основачи на првото словенско писмо и со кое оставија драгоцено цивилизациско богатство за македонскиот народ и за сите словенски народи, нѐ поттикнува да размислуваме и да дејствуваме, без предрасуди, да ги негуваме нашите вредности и да ги почитуваме другите.
Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј!“, порача премиерот.
По повод празникот, Заев, предводејќи ја владината делегација, положи свежо цвеќе во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.