Заев: Не размислувам за оставка

Премиерот Зоран Заев не размислува да даде оставка, изјави тој денеска од Сарај, каде беше во посета на новата фабрика за кабли.

Според Заев, изјавата на Зијадин Села, кој вчера побара оставка од морални причини и од премиерот, е само политикантство и желба за власт и за победа на изборите.

„Мицкоски да дојде, премеир да биде? Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, сѐ од пуста желба за власт, да се победи. Се додека вака се однесуваат ќе губат на избори. Другата алтернатива е ова: заедништвото, инвестициите, повисоките плати, придонес во БДП“, истакна Заев.

Во однос на понудените оставки, премиерот денеска рече дека нема дополнителен коментар зашто, за тоа, како што подвлече, секој ден дава изјави.

„Трагедијата нѐ погоди сите и ќе ја памтиме цел живот. Изгубивме животи. Да ги причекаме форензичите извештаи“, рече Заев, додавајќи дека уште еднаш сите покажале чувство на одговорност доаѓајќи веднаш на местото на несреќата за да помогнат некако. Злоупотребата на болката низ која минува цел народ, категоричен е тој, е чисто политиканство.

- Реклама -