Премиерот Зоран Заев не ги прифати понудените оставки од морални причини на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, во врска со пожарот што избувна на 8 септември годинава во Модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица.
„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, кои од морални прични поднесоа оставки. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“, изјави премиерот на прес-конференција, додавајќи дека им ја дава довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.
Тој нагласи дека останува на ставот дека нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница.
„Ние политичарите и извршната власт, генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постапуваа по наредба на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, рече Заев.
„Откриена е причината за пожарот и таа е јасно и јавно објавена. Ја примив оваа информација и постапувам и веднаш дадов насоки до Минизтерството за здравство во најкус можен рок да се извршат темелни теренски контроли во сите модуларни болници. Сега е најважно да се засилат контролите и проверките за да се намали ризикот од вакви несреќи предизвикани од страни предмети во иднина, поради што за жал изгубивме 14 животи“, изјави тој.
Заев повтори дека ни се случи страшна трагедија и повторно изрази сочувство до семејствата на загинатите, но истовремено потенцираше и дека не сме единствена земја во светот во која се случиле вакви трагедиии.