Македонската делегација била една од најмалите делегации на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција прашан дали и објективно делегацијата била непотребно голема како што обвинуваше дел од јавноста и дали присуството на сите тие министри и соработници била неопходна.
Според премиерот, македонската делегација се состоела од 12-13 луѓе, за разлика од делегациите на другите земји, кои имале и по 80-100 претставници. Тој потсети дека таму биле присутни и вработени во македонската амбасада во Њујорк (амбасадорот, членови на тимот за протокол), но и дел од македонската дијаспора, дојдена да го слуша говорот. Додаде и дека секој од министрите имал свој настап, како и дека присуството на министерката за финансии било платено целосно на трошок на Обединетите нации, додека присуствата на министерот Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи биле неопходни поради тоа што се зборувало на многу, и европски, теми, како и за да се искористи секоја шанса да се осигура датумот за почеток на преговори со Европската унија.
Премиерот не знаеше да каже колкава сума е потрошена и колку точно луѓе биле дел од делегацијата. За тоа ќе треба прво да се произнесат секое од министерствата и институциите чии претставници биле дел од делегацијата. Но премиерот увери дека пари на граѓаните не се трошеле беспотребно.
„Но треба да знаете дека организирањето на вечера на крајот, на пример, е платена од приватен џеб. Не дозволуваме да направиме несоодветни трошоци. Се однесуваме рационално, заради тоа што преземавме и како влада транспарентност во трошењето, намалување на непродуктивните трошоци и во секој момент ги рационализираме. Но, истовремено не смееме и да ја оставиме државата со нарушено достоинство, несоодветна поставеност, недоволна организираност или нееднаквост на нивото со земјите со кои се среќаваме“, рече Заев.