Заев: Нашата антикорупциска стратегија се однесува на сите ешалони – прочистување на судството, етички кодекс за функционери и поголема транспарентност

„Нашите мерки се за сите, не само за администрацијата. Нашата антикорупциска стратегија е за сите ешалони, преку прочистување на судството, етичкиот кодекс за функционери, кој важи прво за мене, а после за сите други, постојано зголемување на транспарентност, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите“, истакна премиерот Зоран Заев од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања.

Според него, системот сега се справува и со крупните и со ситните риби, судските пресуди за повеќе високи политичари се показател и порака дека законот важи еднакво за сите.

Тој посочи дека корупцијата не е искоренета ниту во многу поразвиени земји, но признава дека кај нас е уште позастапена. Затоа, истакна тој, ќе треба да вложиме дупла или тродупла енергија за да се избориме со оваа појава.

„Со корупција нема економија, а наша конечна цел е да се подигне економскиот стандард на граѓаните“, потенцираше Заев.

Тој ја повика и опозицијата, како важна алка, да се вклучи во борбата со корупцијата, порачувајќи и дека треба да биде јасна и детална во укажувањата за да можат институциите да постапуваат, да спроведуваат истраги и да ги документираат сите укажувања.

„Конечна заедничка цел на сите е да ја отстраниме корупцијата и да дочекаме еден ден да бидеме рамноправни во борбата со развиениете земји за отстранување и на тој мал дел на корупција што постои секаде во светот“, подвлече Заев.

- Реклама -