„Нашата земја, во периодот кога се осамостојуваше, за среќа помина без оружени конфликти, а моето лично мислење за референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања“, истакна премиерот Зоран Заев на трибината „Патот до независноста“, што на негова иницијатива денеска се одржа во Владата по повод 30-годишнината од независноста.
„Наша должност е да ги чуваме сеќавањата, записите и историските факти, исто како што ја чуваме и развиваме Северна Македонија, со јасен поглед кон иднината, за нас и за идните поколенија“, рече Заев за трибината, на која со повеќемина современици на случувањата во 1991 година се разговараше за најзначајните моменти и за процедурите при стекнувањето на независноста.
Како што рече Заев, во тогашниот турбулентен период на глобалната и регионалната политичка сцена, било очекувано настаните да бидат проследени со немири и вооружени конфликти, но во земјава таквите воени судири биле избегнати.
„Тие години во нашата земја се тесно поврзани со глобалната и регионалната политичка сцена од крајот на крајот на 80-тите, како на пример падот на Железната завеса и распадот на Југославенската Федерација. Во такви околности сосема е очекувано настаните да бидат проследени со сериозни тенденции за турбулентен развој на процесите и настаните, па дури и со немири и оружени конфликти. За среќа, нашата земја во тој период помина без оружени конфликти. Секако, сѐ уште жалиме за младите луѓе кои во тие години ги загубија животите во униформите на ЈНА“, истакна премиерот.
Во однос на референдумското прашање кое гласеше “Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз со суверени држави на Југославија“, Заев рече дека тоа било израз на политичките односи во тоа време и компромис меѓу македонските политички партии после долги и жолчни дебати, но не и консензус меѓу заедниците.
„Најголемата заедница после македонската, албанската, тогаш инсистираше на референдумско прашање кое повеќе ќе ги дефинира внатрешните односи помеѓу заедниците во државата отколку односите со остатокот од Југославија. Рефрендумското прашање особено во вториот дел превираше и меѓу Македонците во поголем дел на национално обоените политички партии и кај граѓаните блиски до нив. Тогаш голем дел од граѓаните гледаа скриена стапица дека државата ќе се врати повторно во нешто што ќе остане од Југославија. Мојата лична опсервација на овие контроверзи на референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања кои беа врвен приоритет и на претседателот Киро Глигоров, кој беше свесен за пресудната улога на меѓуетничкиот соживот, како и зачувување на мирот во земјата“, истакна Заев.
На една таква претпазливост, како што посочи, повикувале искуствата од сите поранешни југословенски републики кои прогласувале незавиност и се соочиле со воени дејствија.
На денешната трибина учествуваа и првиот претседател на македонското Собрание Стојан Андов, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, како и Васил Тупурковски, Љубомир Фрчкоски, Ѓулистана Марковска, Насер Зибери, Џевдет Хајредини, Мухамед Халили и Денко Малески.
Целта на трибината беше – преку сеќавања, опсервации и размислувања – да се сумираат научените лекции од соочувањето со предизвиците во деновите кога се подготвувал референдумот за прогласување за прогласување независност.
Премиерот Заев, за време на трибината, истакна и дека многу луѓе во живо му пишувале дека дебатата е презначајна, па затоа, како што и самиот соопшти, ги одложил другите состаноци за да може дебатата да продолжи.