Премиерот Зоран Заев, заедно со претседателот на Собранието – Талат Џафери, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, претседателот на ДУИ – Али Ахмети, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, градоначалникот на општина Сарај – Блерим Беџети, инвеститорите на „Комплекс Планет“, и други бројни гости, денеска присуствуваше на промотивниот настан за изградбата на новата елитна населба која ќе никне во Општина Сарај, на брдото над автопатот Скопје-Тетово и езерото Треска.
Во обраќањето, Заев оцени дека се работи за „исклучително иновативен, креативен и, пред сѐ и над сѐ, храбар проект“.
„Предизвикот да се изгради сосема нов станбен и урбан комплекс во близината на Скопје, кој практично претставува мал град, навистина заслужува почит“, рече премиерот.
Тој посочи дека станбено-деловниот комплекс „Планет“ ќе никне на површина од 150 хектари и ќе содржи 142 вили со целосна придружна инфраструктура од улици и пристапни врски со постоечката градска патна мрежа, потоа канализации, вододоводна мрежа, како и мрежа за електрична енергија и интернет.
„Станува збор за супер модерна населба која ги има предвид сите функционалности за едно урбано живеење, вклучувајќи објекти за здравствена заштита, пошта, банка, библиотека и книжарница, градинка, надворешен амфитеатар за организација на настани, спортски центри, хелиодром, базени и хотелско ресторански комплекс“, потенцираше Заев.
Според него, исклучително значајно е тоа што градбата на комплексот зафаќа само 20% од вкупната површина што ја опфаќа инвестицијата, додека останатите 80% се резервирани за зеленило.
„Креаторите на комплексот се прилагодиле на природата и на еколошката функционалност на теренот и во средината на комплексот е централниот парк кој, всушност, го претставува веќе постоечката шума во границите на локацијата за негова изградба“, оцени Заев.
Инвеститори на „Комплекс Планет“ се Валдета Касапи – креатор на проектот, Џемил Шабани – сопственик на „Валмир компани“, и Самет Мисими сопственик на „Блеро фикс“. Овие „докажани градежни компании“, како што ги нарече Заев, ќе бидат задолжени и за изградбата, заедно со десетици други компании подизведувачи од различни дејности.
Вредноста на инвестицијата е 28 милиони евра. Како што рече Заев, тоа претставува сериозно раздвижување и придонес и за нашата вкупна економија и затоа, додаде, проектот ги заслужува сите пофалби и охрабрувања.
„Дозволете на крајот да ги изразам моите честитки до инвеститорите за нивната храброст и која дополнително потврдува дека Северна Македонија е добро место за инвестиции.
Честитки и за храброста и подготвеноста на Општина Сарај да прифати и поддржи една ваква иницијатива и да ја додели локацијата.
Честитки и за Град Скопје и за нивната поддршка за придобивката која ја добива градот со една ваква хуманизирана градска населба“, заврши Заев, изразувајќи надеж дека оваа иницијатива ќе инспирира уште многу нови такви проекти.