„Кога ЕУ потфрла ние имаме обврска постојано да преземаме иницијативи што го европеизираат регионот. Европеизацијата и европските стандарди нема зошто да чекаат. Правиме крупни чекори за европеизација на нашиот регион. Кога со Вучиќ и Рама ја создававме визијата за ‘Отворен Балкан’ се согласивме да не надвладее евроскептицизам поради неуспехот на ЕУ“, изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Тирана по состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“.
Заев рече дека Брисел може да одлучи и да ги забави очекувањата, но европеизацијата и европските стандарди во Србија, Албанија и Северна Македонија, нема зошто да чекаат или да бидат забавувани.
„Сакам да потенцираме дека ‘Отворен Балкан’ не е замена за членство во ЕУ туку засилувач на европската идеја на Балканот. ‘Отворен Балкан’ е Европа и ништо помалку од тоа. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членството во ЕУ“, истакна Заев.
Премиерот додаде дека „Отворен Балкан“ како ново и силно регионално поврзување, доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници и стопанските комори на нашите три земји што се согласија дека „Отворен Балкан“ е платформата која му е потребна на регионот.
„Во последниот ден од мојот ангажман како премиер на Северна Македонија, огромни се и честа и задволството што уште еднаш директно учествувам и придонесувам во остварување на иницијативата Отворен Балкан. На почетокот јас и моите колеги, другари и браќа Вучиќ и Рама, нагласивме дека Отворен Балкан е заеднички проект создаден за добробит на целиот регион отворен за сите земји од регионот“, рече Заев.
Сите останати земји, порача Заев, имаат отворена, јавна, директна и недвосмислена покана да се придружат.
„Ги покануваме сите земји од Западен Балкан со цел регионот да стане економски развиен без пречки, прилагоден на потребите на нашите народи. Сите ќе се согласиме дека три е подобро од еден. Секако шест е подобро и од три. Но, јас само ќе ве повикам да останете фокусирани, посветени, затоа што Отворен Балкан постанува атрактивна иницијатива и привлечен бренд, затоа што им служи искрено на граѓаните од трите земји“, подвлече премиерот.
Заев рече дека идејата е Западен Балкан да стане отворен Балкан кој носи конкретни придобивки за сите наши граѓани.
„Денеска пред граѓаните на целиот регион презентираме конретни чекори – ги потпишавме договорот за итнерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот до Западен Балкан. Со овие договори, им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија пристап до електронски услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација Отворен Балкан, со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на трудот“, истакна тој.
Заев додаде дека веднаш штом договорите бидат ратификувани во парламентитите на трите земји, граѓаните ќе се стекнат со можноста слободно да се движат и работат во секоја од нив.
„Го окрупнуваме нашиот пазар, ги поврзуваме економиите, стануваме посилни и поконкурентни. Се поврзуваме со јасна намера нашите народи да осетат директни економски придобивки. Договорите за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан по примерот на ЕУ, се конкретни чекори на прифаќање на вредностите и спроведувањето на практиките од Европската Унија. Остваруваме нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заедничкиот договор во нејзините земји-членки“, рече премиерот на прес-конференцијата во Тирана.
Заев, кој според најавите утре ја напушта премиерската функција, порача до Вучиќ и Рама да го чуваат и развиваат „Отворен Балкан“.
„Чувајте го и развивајте го ‘Отворен Балкан’. Денеска сите видоа дека и мојот наследник Димитар Ковачевски, кој е овде со нас, подеднакво ќе биде посветен на овој процес, а лично верувам дека ќе биде прекрасно плус освежување и забрзување на практичната реализација на сите придобивки за граѓаните на сите три земји и воопшто на Балканот“, порача Заев
Дозволете во завршницата на ова мое јавно обраќање, продолжи тој, веројатно и последно од оваа моја функција, да им се заблагодарам на претседателот Вучиќ и на премиерот Рама за споделената заедничка верба во визијата и потребата од „Отворен Балкан“, што е процес од кој нема враќање.
„Нема ниту една причина да го напуштиме патот кој води кон исклучително блиска соработка во регионот. Нема зошто да отфрлиме пат кој води кон бришење на границите како административни бариери и кој ќе ни ги овозможи четирите слободи за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот. Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, како и народите на другите земји од регионот, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани“, истакна Заев на заедничката прес-конференција во Тирана со премиерот на Албанија Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.
МИА