„Страшно и понижувачки е странски државјанин да биде кандидат за градоначалник на Скопје кога имаме преговарачки процес со Бугарија и обид да го решиме проблемот“, изјави лидерот на СДСМ и премиер – Зоран ЗАев, во интервју на „Канал 5“.
Тој подвлече дека, како застапници на тезата „Едно општество за сите“, нему и на СДСМ не им пречи кој каде припаѓа етнички, но, рече, да го лажете народот за ваква работа е непристојно, алудирајќи на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска, за која СДСМ тврди дека има бугарско државјанство.
„Очекувам кандидат за градоначалник на Скопје да информира какви предности има, каква визија, но никако да го лажете народот. Ние мораме со Бугарија да најдеме решение за да одиме напред како држава. Народот ќе го каже своето на изборите. Апсолутно е нечесно и понижувачки да лажете и верувам дека граѓаните знаат дека прогресивноста мора да продолжи со победа во недела“, рече Заев.