Премиерот Зоран Заев и грчкиот експремиер Алексис Ципрас не го добија Нобелот за мир, но Заев смета дека признанието сосема заслужено заврши во рацете на премиерот на Етиопија – Абиј Ахмед. На Фејсбук, тој му ја честита наградата:
„Искрени и најсрдечни честитки за добивањето на најпрестижната награда – Нобеловата награда за мир, за премиерот на Етиопија Аби Ахмед.
Нобеловата награда за премиерот Аби Ахмед е заслужено признание за неговиот придонес за ставање крај на 20 годишната војна меѓу Етиопија и Еритреја, и инспирација за сите.
Сакам да се заблагодарам на добитничката на Нобелова награда за мир Уидед Бушамауи која заедно со ФОН Универзитет нѐ номинираа мене и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас за годинешната Нобелова награда за мир. Договорот од Преспа го создадовме како обврска кон нашите народи и како порив за трансформација на Балканот во извор на соработка и заедништво.
Останува мојата и заложбата на Владата на Северна Македонија, со поглед напред, а не назад, за градење долготраен мир, стабилност и просперитет за граѓаните на нашата земја и за граѓаните од регионот“, напиша Заев.