Причината за недобивање на датумот не е во Северна Македонија, уште еднаш повтори премиерот Зоран Заев во вчерашното интервју на „360 Степени“, истакнувајќи дека и самиот Макрон во среда вечерта, на заедничкиот прес со Меркел по заедничките влади на Франција и Германија, потенцирал дека Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори, посебно Македонија, но дека земјите од ЕУ не биле подготвени.
Според Заев, причината е дебатата, но и новите случувања во самата Европска унија, како тешкотиите на земјите членки да се договорат за претседател на Европската комисија, одбиениот предлог (за првпат во историјата на ЕУ) на Франција за еврокомесар по минати две фази итн.
„Калкулациите кога малите земји знаеја да изразат спротиставеност со вака големите како Франција, предизвикувале кај него, и тоа го слушнавме и од други колеги премиери, дека можно е да Франција, уште тогаш го најавила – па ќе видиме понатаму за проширувањето. Веројатно тоа влијае“, рече Заев, додавајќи дека темата на европроширувањето, освен ретко, за време на избори, не е доминантна во француското општество.
Прашан од новинарот зошто Франција не го кажала јасно својот став многу порано, како на пример лани во јуни, па дури и во јуни годинава, премиерот одговори дека „тука е и најголемата бoлкa“:
„Или пред да го направиме Преспанскиот договор барем да ни кажеа, така? Тука е бoлкaтa. Значи, тука е нефер и неправдата којашто ни е нанесена. Ние сме здраворазумни луѓе, нации, држави. Можеме да прифатиме, да ни се објасни. Да кажат, слушајте, таква и таква дискусија има, тоа може тоа и тоа да предизвика“, рече Заев, додавајќи дека знаеле и не им пречело што Европа дискутира за реформи, ниту пак земјава има проблем со новата методологија на пристапување што ја предлага Франција (реверзибилност во процесот, односно реотворање на поглавјата во кои има назадување).
„За нас е сето тоа фер, што ќе даде фер шанси, дури и за побрзи пристапи, а ако немаме добри перформанси и не сме успешни, нека нѐ враќаат назад. Ние не бараме да станеме членка на ЕУ за само да станеме членка, ние бараме низ процесот да се трансформираме, Европа да ја имаме овде, да бидеме Европејци во сето она што денеска го живеат граѓаните на ЕУ“, рече премиерот (видеото ТУКА).