Заев: Може и да се попишат лица без државјанство, но тоа автоматски ќе биде избришано, не се можни фалсификати

Никој не може да ги спречи граѓаните што немаат или се откажале од македонско државјанство да се попишат преку апликацијата за дијаспората, но таквото попишување нема да биде валидно, уверува премиерот Зоран Заев, откако неговиот прв заменик – Артан Груби, изјави дека можат да се попишат и тие граѓани, со било каков документ.

„Ние во базата на податоци ги имаме државјанствата. Секој што нема државјанство нема да може да се попише, ниту Американец, ниту Швајцарец, ниту Германец. Тие и да ја пополнат апликацијата, ние гледаме во самиот систем дека не е веродостојна и таа автоматски се поништува“, рече Заев.

Во базата на податоци ја има валидноста на идентификацијата на лицето кое се попишува и притоа, ако има било што што е невалидно, што е неточно или предизвикува проблем согласно законот или согласно Евростат, автоматски тоа се брише, додаде Заев, прашан и за видеото од една европска држава, каде се гледа како неовластени „попишувачи“, седнати пред лаптоп компјутери, попишуваат луѓе во сендвичара. Премиерот рече дека не го гледал видеото.

„Таму може да се соберат и Швајцарци, заедно да се попишат. Тоа не значи дека ќе помине секој, затоа што го имаме ние регистарот на населението, ги имаме државјанствата, имаме кои од тие се резидентни граѓани или граѓани кои живеат подолго од една година во странство и апсолутно не може да се направи никаков фалсификат или невистинити информации во оваа статистичка операција“, рече Заев.

- Реклама -