Заев: Моралниот аспект е чинот на покажување на човечноста и болката и тоа е аспектот на којшто се поднесува

Премиерот Зоран Заев не ги прифати понудените оставки од морални причини на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, во врска со пожарот што избувна на 8 септември годинава во Модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица.

„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, кои од морални прични поднесоа оставки. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“, изјави Заев, потенцирајќи дека и на двајцата им ја дава довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.

Тој беше категоричен дека останува на ставот дека нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница.

„Ние политичарите и извршната власт генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постапуваа по наредба на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, рече премиерот.

Убеден сум, потенцираше тој, дека Филипче и Хасани направија и професионални и лични ангажмани за македонското здравство и спасија илјадници човечки животи и затоа им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.

„Секогаш јас и нашата Влада се водиме од одговорноста од секој можен аспект. Јас во некој аспект на ваши прашања новинарски дадов одговор дека никој не е врзан за одредена функција, за одредена позиција и слично. Но, кога ја имате добиено одговорноста навистина треба да мислите и за утре и за ден после утре, за состојбите во коишто се наоѓа државата, мислејќи пред сѐ на пандемијата која што стои и секако се водам и од тој аспект имајќи предвид дека двете оставки се поднесени од морални причини, затоа што ако беа од други причини тие ќе беа соопштени со други причини“, рече Заев.

Доколку има човечка одговорност од кој било, тоа е работа на кривичните органи, продолжи тој.

„Ние сме политичка Влада која што презела одговорност да управува со извршната власт и тука е најголемото чувство на одговорност – што ќе се случи денес, што е утре, што следува понатаму во целиот овој процес.

Одговорите ќе ги дадат навистина сите соодветни институции. Ние сме денеска овде, присутен сум јас, а секако и Владата да даде одговор на политичкиот момент, на менаџерскиот момент на министерот и на заменик-министерот. Јас сум мандатар којшто сум ги предложил пред Собранието да бидат избрани како министер и за заменик-министер. Одговорите мора да бидат дадени до крај насекаде. Знаете апелирав до МВР, еве Јавното обвинителство излезе со соопштенија. Прво благодарен сум што сите институции, дури и тие што не се под извршната власт, што чувствуваат обврска да одговорат на граѓаните, најчесто адресирани преку вас новинарите за одредени прашања коишто се навистина врв на приоритет на интерес на граѓаните и се дадоа одговорите. Како што соопштуваат тие во нивното соопштение, тие ја продолжуваат истрагата. Истражуваат многу други елементи и очекувам и јас и сите ние граѓаните секако и Владата и јас како претседател на Владата деталите од сите други истраги коишто ќе ги водат“, наведе Заев.

Тој истакна и дека и тој би сакал да знае што адресираат германските експерти во врска со пожарот.

„Но, кога кажуваат во извештајот дека недвосмислено се гледа од што настанал пожарот, тоа е јасно од кои причини настанал пожарот, а на сите ни е јасно што значи просторија полна со кислород и мислам дека тоа и на јавноста и на вас новинарите и на нас политичарите ни е јасно. Навистина кислородот е сериозната причина за брзината на распламтувањето на пожарот во којшто изгубивме 14 луѓе наши сограѓани“, рече премиерот.

Околу поднесените оставки од страна на Филипче и Хасани од морални причини, тој „објасни“ дека моралниот аспект е „чинот на покажување на човечноста, на болката дека сме од крв и од месо сите“. И тоа е аспектот на којшто се поднесува, додаде.

„Но, истовремено кога водите вака одговорни функции – министер, заменик министер, претседател на Влада или слично и секојдневно сте втурнати во процеси коишто значат живот за многу граѓани, каде што е важна улогата на секој болничар на секоја медицинска сестра, на секој лекар, на директорите на инфективните одделенија, на министерот за здравство, на заменик министерот коишто буквално денот го почнуваат и завршуваат со нешто што е навистина преокупација на целиот свет и кај нас, а тоа е пандемијата и борбата како да се спаси секој човечки живот и не може да не ви е важно дали преку тоа што донесете одлука и ќе ја прифатите оставката од морален аспект и ќе го ризикувате целиот овој систем којшто кај нас покажа дека функционира транспаретност, отчетност, секојпат навремено информирање, давање одговор за сите прашања коишто се драгоцени за сите граѓани коишто се информираат токму преку вас медиумите и заради тоа моралниот дел според мене е политички и менаџерски на одредена личност и човечен дел“, посочи Заев.

Според него, „ако некој чувствувал лична одговорност од човечки фактор, односно дека токму од него се причините, тогаш се поднесува оставка и не се разговара за тие оставки“.

Заев подвлече и дека модуларните болници биле направени во вонредни услови, односно во екот на пандемијата, за да не останат пациенти без болничка нега, и првично не биле замислени да имаат системи со кислород. Кислород бил вграден кога дојде третиот бран на коронавирусот, поради преполнетоста на болниците, истакна тој, додавајќи дека смета дека тоа ѝ е веќе познато на јавноста.

Заев констатираше дека сите се свесни дека во ваквите објекти присуството на кислород е поголемо од вообичаено.

„Откриена е причината за пожарот и таа е јасно и јавно објавена. Ја примив оваа информација и постапувам и веднаш дадов насоки до Министерството за здравство во најкус можен рок да се извршат темелни теренски контроли во сите модуларни болници. Сега е најважно да се засилат контролите и проверките за да се намали ризикот од вакви несреќи предизвикани од страни предмети во иднина, поради што за жал изгубивме 14 животи“, рече премиерот.

Тој повтори дека доколу има човечка грешка, надлежни се органите коишто го истражуваат тоа, како што е во сите земји во светот –  а тоа се Јавното обвинителство, судовите итн.

„Доколку утврдат грешка човечка, поединечна, каква било грешка тие го адресираат тоа прашање. Овде се работи за политички момент, за морално поднесување на оставките на коишто секако јас реков дека основата, еден од најважните инпути за влијанието врз мојата одлука дали да ги прифатам ваквите одлуки или не, ќе биде изворот на вештачењето од што се случил пожарот и како настанал пожарот“, посочи.

Изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите, Заев истакна и дека не сме единствената земја во светот во која се случуваат вакви трагедиии.

„Романија е последниот пример дека тешката деноноќна борба со пандемијата ги прави јавно здравствените системи поранливи од мирнодопски периоди. Ни се случи страшна трагедија и нема бегање од тоа. Изразувам уште еднаш сочувство до семејствата на загинатите и загубените човечки животи. Болката и тагата е присутна кај цела наша нација, кај сите граѓани. Наша должност, пред сѐ како луѓе а после и како политичари, е да не им ја правиме огромната загуба на семејствата на трагично загинатите уште потешка и да обезбедиме функционирање на системот на здравствена заштита“, рече тој.

На македонското здравство, на сите граѓани, им е потребен систем кој соодветно ќе одговори и ќе ги заштити во време на пандемија. Затоа, додаде премиерот, треба да гледаме и подалеку од денес и подалеку од утре.

- Реклама -