По отворањето на „One stop shop“ со Србија, Македонија во Тирана ќе потпише договор за заедничка контрола на границите со Албанија, а потоа таков договор следува и со Косово, најави премиерот Зоран Заев во интервјуто за Euronews Albania.
Целта е, вели тој, да има „No stop, just go“, односно да се зголеми меѓусебната доверба на институциите за безбедност, институциите за храна, да се обезбеди признавање на дипломите и слично. Тоа ќе им го олесни животот на граѓаните, рече премиерот.
Во интервјуто, тој истакна дека како човек и како политичар силно верува во регионалната соработка, и тоа како компатибилен процес на интеграциите на целиот регион во ЕУ.
„Колку повеќе ја унапредиме регионалната соработка, толку повеќе Европа ќе нé почитува. Најмалку што треба да направиме е да се обединиме во делот на заедничкиот настап, ослободувањето на границите за слободен проток на луѓе, на стока, на трговија на капитал, на информации. Навистина имаме што да ѝ понудиме на Европа, но и да примиме од неа. Затоа со премиерот на Албанија, со претседателот на Србија ги разработуваме опциите за она што некои го нарекуваат ‘Мини Шенген’, а некои го нарекуваат зголемена регионална соработка. Ова е компатибилно со процесот на нашата интеграција во ЕУ, затоа што целиот регион економски зајакнува и така полесно ќе се интегрираме кон ЕУ“, истакна Заев.
Потсетувајќи дека сите земји од регионот се дел од ЦЕФТА, тој порача дека не само што треба да го унапредиме она што ни е заедничко постигнато, туку и да одиме чекор понапред и да ѝ покажеме на Европа дека и заедно, со нејзината помош, ние можеме да направиме уште повеќе.
„Губиме години, децении, и затоа јас зборувам дека е возможно низ дијалог да се најдат решенијата за многу прашања во регионот. Јас бев подготвен да заминам од политиката со решавањето на проблемот со името кој го имавме со Грција, но на крајот граѓаните коишто имаа сериозни емоции со причина и беа резервирани, критични, сепак гласаа за иднината. Победив на демократските избори што следуваа, затоа што сите сакаме на децата да им оставиме подобра иднина. Да, треба да го почитуваме минатото, но тоа треба да биде основа за сегашноста и за иднината“, рече Заев.
„Ние како Северна Македонија ќе го поддржиме секое решение што ќе го договорат лидерите и коешто гарантира мир, европски перспективи, меѓусебно прифаќање, помагање, разбирање на сите заедници што живеат во едната или другата земја. Тоа е многу важно и ние ќе го поддржиме тоа што ќе го договорат, заради тоа што и тие го прават тоа заради својата европска иднина“, додаде тој во однос на српско-косовското прашање.