Заев: И јас платив казна, ја знаевме цената кога ја фрлавме бојата

Откако прекршочната казна на Најчевска, стигната на само два дена пред истекот на законскиот рок за застарување на делото, ја разбранува јавноста, со свои примери „се пожалија“ и дел од актуелните функционери. По Павле Богоевски се огласи и премиерот Зоран Заев, кој вели дека и тој добил слична таква, со тоа што неговата веќе е платена.

„Прекршоците со фрлањето боја во времето на протестното движење ги правевме свесно, знаејќи ја цената на казната, но со повисока цел – слобода и ослободување на институциите. Слична казна за фрлање боја веќе платив и јас лично.“

Од МВР потврдуваат дека прекршочни постапки имало и против функционери од власта. Против пратеникот од власта Павле Богоевски има 41 постапка, а против премиерот – Зоран Заев, има една, која е веќе платена, велат оттаму, пренесува „Фокус“. Според министерството, овие постапки се почнати од страна на претходната гарнитура на МВР, во периодот додека сè уште траеше Шарената револуција. Поднесени се вкупно 184 барања за поведување на прекршочна постапка.

И Заев, како и Богоевски, се сомнева во праведноста на прекршочните казни за учесниците во Шарената револуција. Тој најави дека ќе се разговара со засегнатите граѓани во насока на наоѓање можни решенија што целосно ќе ги почитуваат одлуките на судската власт, но и ќе ги почитуваат, како што вели, демократските принципи и интегритетот на граѓаните.

- Реклама -