Заев: Извештајот на УНЕСКО е за до јануари 2020 година, од тогаш е многу направено и во јули сѐ тоа ќе го презентираме

„НАЈКАТАСТРОФАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ОД УНЕСКО ЗА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДОСЕГА, НИШТО НЕ Е МРДНАТО“ – со вакви и слични наслови денеска медиумите известија за извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО која го посети подрачјето во јануари минатата година, а во кој се заклучува дека Охридскиот регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност.

„Извештајот на УНЕСКО го опфаќа извештајниот период до јануари 2020 година“, „смирува“ премиерот Зоран Заев. Во интервју за ТВ „Клан“, тој рече дека оттогаш е многу направено, а сите тие активности за заштитеното подрачје на Охридскиот регион на УНЕСКО ќе ѝ бидат презентирани во јули, кога и ќе се дебатира и одлучува за извештајот.

„Владата на Република Северна Македонија останува цврсто посветена во јули, кога ќе се дебатира овој извештај и кога ќе се донесе конечното мислење, да ги презентираме сите активности што од тогаш се преземени за природното и културното наследство на заштитеното подрачје на Охридскиот регион. Одговорно тврдам дека централната власт направи многу“, рече Заев.

„Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нé предупредува, но после присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу. И минатото лето и ова лето. Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа сеуште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“, додаде премиерот.

Тој посочи и дека Владата презема итни чекори за експертско и стручно кадровско екипирање на најрелевантните институции, како што се: Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство и НП Галичица. Прекинати се и работите на регионалните патишта кои беа во спротивност со Планот, а променета е и рутата на железничката линија Кичево-Лин во Албанија, која претходно беше предвидено да поминува низ заштитеното подрачје, наведе Заев.

- Реклама -