Заев: Идните градоначалници да му служат на народот, а не да владеат со него

@Идните градоначалници да му служат на народот, а не да владеат со него. Да бидат отворени за граѓаните и внимателно да ги слушаат нивните проблеми. Да бидат фер и правични кон сите#, порача вечерва лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

„Да го сакаат својот народ и да ја прифатат пред се честа и одговорноста што луѓето им ја даваат на изборите. Да ги распоредуваат финансиските капацитети во форма на проекти и да ги решаваат проблемите поеднакво за сите – и во градовите и во населените места. Програмите што ги испорачуваат мора да бидат динамични. Секоја година при формирањето на буџетот да ги слушаат граѓаните што е приоритет за нив, а не само она што е приоритет според општинската администрација или според градоначалникот. Граѓаните се неприкосновените конечни одлучувачи на локално ниво, како што се и на државно ниво“, рече Заев.

Според него, исклучително е важно какви луѓе ќе ги водат општините и какви програми ќе се реализираат во следниот четиригодишен период. Иако се реализирани доста проекти, смета дека има уште многу работа на локално ниво.

„Генерално, Северна Македонија е решена со водоснабдување, но мора да го решаваме проблемот со канализационата мрежа затоа што е 21 век, посветеноста на граѓаните кон училиштата, детските градинки во надлежност на општината. Асфалтираните улици, зелените површини, хуманото урбано живеење“, нагласи Заев.

За кандидатите за градоначалници и за изборната програма, рече дека се најдобри. На 17 октомври очекува дека ќе ја добијат поддршката од граѓаните за да може да продолжи динамиката на реализација на проектите.

„Досега докажавме дека сме подобри и тука нема дилеми не само заради тоа што оваа Влада во последните четири години алоцираше огромни стотици милиони евра со илјадници проекти кон локалните самоуправи, туку локалните општини денеска се раздолжени, ликвидни, финансиски стабилни и можат да ги сервисираат услугите на граѓаните. Тој што е добар и подобар, може да биде само најдобар“, рече Заев.

- Реклама -