Заев: Груевски избега како кукавица, да имаше нешто што требало да го направиме, ќе го направевме

На новинарско прашање по денешната заедничка прес-конференција со премиерот на Република Малта – Џозеф Мускат, премиерот Зоран Заев изрази уверување дека Груевски ќе биде вратен во земјата, за што процедурите се веќе започнати, и дека порано или подоцна ќе биде соочен со правдата. Македонија единствено има иднина ако има казни, нагласи Заев, а казните мора да бидат испорачани.

Премиерот ја искористи приликата и за да ги негира сите шпекулации дека бегството на Груевски било дозволено или договорено или резултат на било каков политички договор. Тој истакна дека како и досега, владата уште еднаш демонстрирала максимално владеење на правото, дека  се работело максимално според закон, дека не затаила ниту една институција (ако потфрлила граничната полиција тоа ќе биде истражено) и дека со оглед на тоа дека до бегството Груевски според законот беше слободен човек, направено е сé што требало да биде направено да се спречи неговото бегство.

„Го разбирам гневот кај вас новинарите, постои и кај мене тој гнев. Ако имало нешто што би требало да го направиме претходно, би го направиле. Не дека немало гласини дека може да бега, но не можете да преземете дејствија за некој кој сѐ уште е слободен човек, кој нема упатен акт за во затвор. Досега се потврди владеење на правото до максимум и независноста на правосудниот систем низ еден комплетно транспаренттен процес. Убеден сум дека Груевски ќе се врати назад и ќе ја служи својата казна и ќе биде исправен пред судот да се брани а системот да докаже дека е виновен и за други дела“, изјави Заев.

Што се однесува до самата постапка на Груевски, Заев ја оцени како крајно кукавички чин:

„Каков кукавица е тој кога цело време велеше дека за Македонија е спремен да оди во затвор без разлика што ќе се случи, само да не бидат сите други таргет, дека е спремен да ја прифати одговорноста и слично… Дојде моментот за прифаќање на одговорноста, избега како кукавица надвор од државата, обидувајќи се претходно да добие нови аболиции. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа за што е осуден. Ќе направиме сé што е во наша надлежност да го вратиме Груевски назад“.

(новинарските прашања почнуваат од 17:10 во видеото од прес-конференцијата)

- Реклама -