Финансиските ефекти од владините пакет економски мерки покажуваат излез од кризата и заживување на економијата, a зголемување на платите има во образованието, здравството, армијата, како и во приватниот сектор преку субвенционирање на платите, истакна денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање. Иако не може да се каже дека порастот на платите е доволен, истиот е навистина видлив и граѓаните можат да направат разлика, истакна премиерот. Тој потсети дека ќе има и нови покачувања на платите, во повеќе сектори.
„Има спирала на покачувања на платите на работниците. Минималната плата, од 9.000 денари во 2017 година, сега е 15.200 денари и нема веќе сектори кои земаат плата под минималната плата, како што беше во периодот пред 2017 година. Тоа значи повеќе од 6.000 денари по лице е зголемена платата месечно, или 72.000 денари по лице, по работник, годишно. Во земјоделството како гранка, освен што ја изедначивме минималната плата во овој сектор како и кај сите останати, платите се зголемени за 4.600 денари“, истакна Заев.
„Со четирите економски пакети мерки сочувани се повеќе од 100.000 работни места. Помогнати се, по разни основи, и над 400 илјади граѓани. 65 милијарди денари директно се вбризгани во домаќинствата и компаниите. Редовно е сервисиран Буџетот, редовно се пуштени парите во оптек, тука помагањето и здравствениот аспект на кризата одеа паралелно. Преку субвенционирањето на придонесите на фирмите, за зголемувањето на платите на работниците до 6.000 денари, 200.000 работници ширум целата држава имаат зголемување на своите плати. Државата се има откажано од приходи за реализација на мерките и е подготвена и понатаму да развива мерки за помагање на граѓаните, работниците и домашните претпријатија“, рече премиерот во однос на антикризните мерки на Владата за намалување на економските последици од пандемијата на ковид-19.
Заев посочи на покачувањата на платите во речиси сите државни сектори, како здравството, социјалата, Армијата, образованието.
„Со усвоениот колективен договор за високото образование и науката е предвидено и зголемување на платата на наставниот и ненаставниот кадар во 2021 година во високото образование и во науката. Од 1 септември 2021 година, се предвидува зголемување на платата на наставниот кадар во висина од 8%, а од 01.09.2022 година – дополнителни 7%. Со стабилизација на економијата продолжуваме и 2023, 2024, 2025, надевајќи се на поголеми проценти. Овој Колективен договор за прв пат е донесен по 30 години и се уредува системот на плати во високото образование и веќе нема никаква неизвесност кога е во прашање трудот на научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Во образованието, платите на околу 20.000 вработени во основните училишта и на околу 8.000 вработени во средните училишта, во 2020 година, пораснаа за 10%. Заедно со покачувањата на платите во високото образование со околу 4.500 вработени и на вработените во јавно-научните институции, каде се опфатени 220 вработени, се доаѓа до бројка од 32.700 граѓани вработени во образованието и науката, кои во 2020 година добиваат повисока плата. Со покачувањето од 10% во 2020 година, вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20.6% имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година два пати по 5%“, истакна Заев.
„Во здравството, основната плата на лекарите специјалисти се зголеми за 40%, на медицинските сестри платите се зголемени помеѓу 20 и 23%, на општите лекари платите се зголемени за 25%, на здравствени соработници платите се зголемени за 15%. Зголемени се и капитациите за матичните лекари. Сите матични лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија, од 1 октомври 2019 добиваат приближно 15% повеќе, или 8 денари покачување за капитационен бод. Во 2021 година од април имаме уште едно зголемување на платите на сите вработени во здравството – и медицинскиот и немедицинскиот персонал, за дополнителни 5%.
Во социјалните служби, во 2019 и последователно во 2020 година, имаме зголемување на платите на социјалните работници и останатите даватели на услуги поврзани со дејноста социјална заштита, во просек за 22%, односно за 4.367 денари во нето износ во пресек по вработен. На овие 22% имаме дополнително зголемување од 5%, согласно Законот за вработените во јавниот сектор.
Осум години платите во Армијата беа замрзнати, денес платите во одбраната растат од 3.000 до 6.000 денари, а дополнително секој припадник на Армијата добива по 7.000 денари за станарина“, додаде Заев.
Тој најави покачувања и на платите во правосудството:
„Очекувам од оваа есен да настапиме како Влада пред Парламентот со првиот чекор за зголемување на севкупните буџетски основи на правосудството, за судовите и за обвинителите, со што на тригодишен раст, очекуваме да ги дуплираме буџетите на јавното обвинителство и на јавното судство, а при тоа да ги следиме и сите останати сектори“.
Премиерот укажа и дека ЕСС е отворен дури и за оние синдикати коишто не се репрезентативни, односно дека КСС не е репрезентативен синдикат, а сепак е вклучен во работата на ЕСС, дека има отворен и инклузивен процес во креирање на текстот на предлог законот за работни односи што се очекува следните месеци да заврши, дека недела ќе биде неработен ден, а оние кои ќе работат ќе добијат загарантирана дневница. Такво нешто, претходно, ретко каде се случувало, оцени Заев, додавајќи дека сето ова треба да е мотивација за сите да работат преку директна поддршка на работниците, на економијата и на сиромашните граѓани, што пак, овозможува дополнителни приходи во Буџетот, кој, како што рече, постои за граѓаните.
„На тој начин ќе можеме да стимулираме и во приватниот сектор, каде што ни работат 530.000 граѓани во државата, да ги зголемува платите и да ја зајакнуваме нивната продуктивност и компетитивност, но тој тренд треба да го следат и платите и на полицијата и на Армијата, и на образованието, и на социјалната заштита и на сите други сектори. Само на тој начин ќе очекуваме поголема ефикасност“, рече Заев.
Тој изрази увереност дека економското зајакнување на државата ќе претставува уште поголема основа работниците и граѓаните да бидат уште позадоволни од примањата, со што, како што рече тој, „се заокружува и севкупниот квалитет на живот за сите“.