„За време на нашата средба имав прилика да го информирам господиниот Помпео за нашите остварувања со кои ја ослободивме заробената држава. Поставивме нови темели и ги зајакнавме демократските вредности, институциите и правната држава. Слободата на медиумите е значително подобрена и развиваме инклузивен процес на носење одлуки. Градиме едно општество за сите, мозаик од различности во кој нашиот фокус е ставен на економијата која овозможува шанса за подобар живот на сите граѓани“, рече премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со државниот секретар на САД – Мајк Помпео, кој е во посета на земјава.
Заев додаде и дека Северна Македонија е уникатна земја во регионот поради тоа што нема отворени билатерални прашања со ниту еден сосед. „Договорите со Бугарија и Грција беа историски одлуки и пресудни чекори за остварување на нашите стратешки цели – членството во НАТО и ЕУ“, рече тој.
Тој рече и дека за десетина дена ја очекува долгоочекуваната вест од Брисел – почеток на преговорите за членство во Европската унија. Тоа ќе влијае позитивно на целиот регион. Ќе биде испратена порака дека Западниот Балкан е интегрален дел од Европа, но ќе биде и награден напредокот на реформите и решавањето на тешките проблеми, а тоа ќе ги охрабри и другите земји да покажат политичка храброст, рече Заев.
„Добрите вести за почеток на преговорите со ЕУ и за членството во НАТО се силна порака и за младите од нашата земја: Северна Македонија се менува кон подобро – овде може да се живее добро, а развојот ќе биде побрз само ако младите се ангажирани, тука во својата земја“, продолжи премиерот, додавајќи дека стабилен балкански регион е од интерес за ЕУ од повеќе аспекти; како геополитички, така и безбедносно и економски.
Што се однесува до посетата на Помпео, оцени Заев, тоа е силна порака за континуираната поддршка што САД ѝ ја даваат на нашата земја, како и потврда дека САД се докажан пријател и дека двете земји ќе продолжат да го продлабочуваат пријателството. И Северна Македонија е посветен стратешки партнер на САД, порача Заев, а заедничките заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и заедничките активности во борбата против тepopизмот и против другите закани за мирот ширум светот, се само дел од причините за пријателството меѓу двете земји.
Премиерот му порачал на Помпео и дека земјата е подготвена со уште посилно темпо да учествува во сите глобални иницијативи кои се конфронтираат на дезинформациите и на заканите по демократијата, како и целосно да ги прифати обврските за членство во НАТО.
„Имаме силна политичка волја буџетот за армијата да биде најмалку 2% од БДП и тоа не подоцна од 2024 година. Тие средства ќе се употребат за модернизација на нашата армија и за зајакнување на нашите капацитети и можности да придонесуваме во НАТО“, рече Заев.