„Со новите измени на законот за легализација се воведува целосна забрана за легализација во заштитените подрачја и националните паркови. Во претходната верзија се предвидуваше да има соодветно мислење од националните паркови. За жал граѓаните немаат доволно доверба и сега таму легализација нема“, изјави премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју на ТВ „Клан“.
„Ги слушаме граѓаните кога реагираат. Реагираше и претседателот на државата за две прашања, па го врати законот. Согласно деловникот во Собранието, кога претседателот го враќа непотпишан законот, тој треба да оди повторно на гласање во рок од 30 дена. Тие 30 дена не се доволни да издебатираме доволно со граѓаните, граѓанските организации, па и пратеничките групи и за да извлечеме максимум најдобро решение“, рече премиерот, објаснувајќи ги причините за повлекувањето на законот од собраниска процедура.
Тој потенцираше дека домовите каде што граѓаните живеат, кои им се адреса на живеење и граѓаните кои примаат социјална помош, нема да платат никакви надоместоци во општината, а државата ќе ги плати геометриските елаборати со цел тие да го легализираат својот дом.
„Граѓаните нека тргнат по селата и нека се запрашаат дали сите куќи имаат одобрение за градба“, порача Заев, појаснувајќи дека уште од независноста општините и државата поттикнувале да се гради во село, со цел граѓаните да останат во селата, и затоа прогледувале низ прсти.