Заев: Гаши нека го избере денот кога сака да се сретнеме

Премиерот Зоран Заев за ТВ Алсат потврдил дека во текот на денот имал комуникација со претседателот на Алтернатива – Африм Гаши, и побарал од него да го избере денот кога сака да се сретнат за да разговараат околу можноста Алтернатива да стане дел од парламентарно мнозинство, односно дел од Владата.

Како што објавија од Алсат, побарале став и од Гаши дали ќе одговори на повикот на Заев, но засега немале конкретен одговор.

Гаши, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат во петокот на прашањето дали добиле понуда од СДСМ за разговор за влез во Владата одговори дека немаат ниедна понуда. Принципиелно е, посочи, ние да дискутираме прво со ВМРО и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за развој на понатамошните процеси, за тоа како го гледаат тие, а како ние на процесот за излез од кризата.

„Ако имаме заеднички точки, ако се усогласуваме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција итн. Но, доколку не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, во тој нов контекст каде може да се најде себеси Алтернатива и, се разбира, ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи. Ние сме демократска партија со доста развиена демократија, ние не ги добиваме одлуките од еден човек или од некоја тесна група туку ја отвораме како дебата внатре, дискутираме долго, ги анализираме сите димензии и ја носиме таа одлука за која мислиме дека е во интерес на сите граѓани“, рече Гаши.

Тој меѓу другото оцени дека сега не е добро да се оди на брзи избори, како што рече, со оглед на состојбата во која се наоѓаме, но и со тоа што во последните неколку години постојано сме во избори.

МИА

- Реклама -